Рубрика: Астрономија и астронаутика
Јавно астрономско набљудување на планетите Венера и Јупитер
Автор: Скопско Астрономско Друштво
Објавено на 06.06.2026 - 18:00

Овие денови на западното вечерно небо нè очекува вистинско небесно шоу! Двете најсјајни планети, Венера и Јупитер, привидно се приближуваат една кон друга на небото гледано од Земјата и токму овие вечери ќе бидат најблиску една до друга.

По тој повод, во недела – 7 јуни и понеделник – 8 јуни, Скопското астрономско друштво ве поканува заеднички да уживате во оваа прекрасна глетка и да ги набљудувате планетите низ телескоп.

За таа цел на Видиковецот пред паркингот кај Кале (https://maps.app.goo.gl/9oiL868kNgdWYRNQA) ќе бидат поставени два големи телескопи. Набљудувањето ќе започне во 20 часот и 15 минути и ќе трае до околу 22 часот, кога Венера и Јупитер ќе зајдат зад хоризонтот.

Сите заинтересирани граѓани се добредојдени да се придружат во овие две вечери и да ги погледнат низ телескоп:

• најголемата планета во Сончевиот Систем – Јупитер, заедно со неговите четири најголеми Галилееви месечини – Ио, Европа, Ганимед и Калисто, и

• Венера, која во моментов се гледа во фаза слична на половина осветлен круг, наликувајќи на минијатурна Месечина.

Доколку временските услови бидат поволни, ве очекува ретка можност одблизу да ги набљудувате овие планети и да дознаете повеќе за нив од членовите на Скопското астрономско друштво.

Клучни зборови: