Секој што сака да ја зголеми својата мускулна маса знае дека тајната лежи во консумирање многу протеини во вид на јајца, шејкови и додатоци во исхраната, се разбира, без притоа да се заборави на вежбањето во теретана. Но, дали физичката активност е сè уште неопходна или додатоците се доволни за зголемување на мускулната маса и сила и по изминати 65 години?
Лоши вести. Според студијата објавена во American Journal of Clinical Nutrition, протеинските додатоци не се доволни. За да ги одржувате и зголемите мускулите – мора да работите напорно.
За ова може да ги обвините и бубрезите. Имено, почнувајќи од околу четириесетгодишна возраст, како што бубрезите полека почнуваат да ја губат својата способност за ефикасно филтрирање на крвта и исфрлање на киселините преку урината, така и мускулната маса почнува да опаѓа. За да ја компензира оваа загуба, телото почнува да го разградува мускулното ткиво за да ослободи основни супстанции што ја неутрализираат киселината.

Од претходни студии веќе се знае дека протеините ја стимулираат синтезата на мускулите и дека зголемениот внес на протеини во комбинација со вежбање ја зголемува силата. Она што никој досега не го истражил е дали зголемениот внес на протеини сам по себе е доволен за да се зголеми силата и мускулната маса кај веќе добро ухранета постара личност.
Па, се чини дека протеините не се доволни. До ова откритие авторите дошле откако анкетирале 141 лице на возраст од преку 65 години, жители во областа на Бостон, пори што од нив било побарано да земаат таблети што содржат плацебо/ односно протеин од сурутка, коишто се препознаваат како најефикасни за поттикнување на растот на мускулите. Покрај тоа, некои од учесниците земале и калиум бикарбонат, антиацид, за да се утврди дали неутрализирачката киселина го поттикнува закрепнувањето на мускулите.
По 24 недели, ништо не се променило – силата на учесниците останала непроменета, независно дали земале или не земале калиум бикарбонат. Причините се нејасни. Но, авторите претпоставуваат дека промените во мускулната маса биле толку суптилни што не можеле да бидат откриени со извршените тестови, или дека, во отсуство на вежбање, телото едноставно не знаело како да го искористи вишокот на протеини.
Лиза Сеглија, координаторката на студијата, најавува дека следно би сакала да проучи какви резултати би донела комбинацијата од вежби и земање протеински суплементи, со цел да утврди дали таа е поефикасна од вежбањето самостојно.