Со години, етапите на хронометрите на Џиро д'Италија повеќе не се освојуваат само со нозе или ултралесни карбонски рамки. На рамната, ултра брза етапа од типот на Виареџо-Маса, каде велосипедистите достигнуваат монструозни просечни брзини од 55 km/h, одлучувачка улога игра применетата физика.
Денес, најнапредните тимови на World Tour (кругот што ги вклучува најдобрите тимови во светот) кријат – понекогаш и буквално! – технологии добиени од воздухопловното инженерство дизајнирани со една единствена цел: да се минимизира отпорот на воздухот и триењето со патот.
Кога педаљата ја вртите со брзина од преку педесет километри на час, вашиот краен непријател е воздухот. До 80-90% од напорот на велосипедистот потенцијално се користи исклучиво за надминување на аеродинамичниот отпор. Инженерите ја квантификуваат оваа пречка со акроним: CdA (коефициент на аеродинамичен отпор помножен со фронталната површина). Колку е помал CdA, толку поефикасно велосипедистот може да “сече“ низ воздухот.

Филипо Гана од тимот на Netcompany INEOS Cycling за време на десеттата етапа од 109-тото издание на Џиро д’Италија, индивидуален хронометар од 42 км од Виареџо до Маса.
До неодамна, совршената позиција на велосипедистот најчесто се бараше низ скапите сесии во некој од аеродинамичките тунели. Денес, дел од таа работа се префрли директно на велосипедот. За време на проверката на хронометрите (и при тренинзите за овој тип трки), многумина од шампионите на нивниот гидан монтираат микро-аеродинамички сензори кои користат принципи слични на оние од питот-цевките – инструменти што се користат во авионите за мерење на брзината и притисокот на протокот на воздух.
Овие сензори претставуваат мали цевки кои го снимаат притисокот, насоката на ветерот и густината на воздухот, вкрстувајќи ги податоците со излезната моќност на велосипедистот. Резултатот е високопрецизен збир од податоци што им овозможува на техничарите да проценат како малите промени во положбата на главата, рамената или раката влијаат врз аеродинамичната ефикасност на возачот. Во многу случаи, овие информации потоа се користат за фино нагодување на поставеноста и држењето на возачот во последователните фази од подготовката.

Гиданот на овој хронометарски велосипед има уред произведен од Notio којшто содржи питот-цевка
Но, ова не е сè. Во неколкуте милиметри гума што го допираат асфалтот се одвива уште една тивка битка. Во современите хронометри, старите гуми отстапија место на tubeless системите кои користат напредни материјали развиени за намалување на отпорот на вртење без притоа да се загрози безбедноста.
Новиот материјал се нарекува Вектран, предиво од полимер со т.н. spun-melt (стопени и предени)течни кристали. Се работи за синтетичко влакно првично развиено од вселенската индустрија. Тоа е истиот материјал што НАСА го користеше во системите на воздушни перничиња што ги заштитуваа роверите Спирит и Опортјунити при нивното слетување на Марс.
Вметнат во заштитната структура на гумите, Вектран ја комбинира екстремно високата механичка цврстина со екстремно малата тежина. Ова им овозможува на производителите да создаваат потенки и пофлексибилни гуми, намалувајќи го хистерезисот на гумите, односно енергијата што се троши во форма на топлина кога гумата се деформира на асфалтот. Во пракса ова значи намалување на отпорот на тркалање без да се жртвува заштитата од пункции и слични оштетувања.