Рубрика: Психологија
Рамноземјаштво: Кога незнаењето прераснува во затворен, параноичен и болен однос кон реалноста
Автор: Милан Поповиќ
Објавено на 19.05.2026 - 19:45

Рамноземјаштвото е еден од најочигледните примери на современа необразованост, затуцаност, непросветеност и интелектуална тапост која себеси се обидува да се претстави како повисока форма на знаење.

Тоа не е само погрешен став за обликот на Земјата. Тоа е многу подлабок проблем. Тоа е начин на размислување во кој човекот не ги разбира основните факти за светот, не ја познава науката, не прави разлика помеѓу доказ и впечаток, но во исто време развива речиси непоколеблива сигурност дека сите други се измамени и дека токму тој е оној кој ја „видел вистината“.

Современите истражувања покажуваат дека верувањето во рамна Земја е особено поврзано со комбинација од ниска научна писменост и висока самодоверба во сопственото „разбирање“ на науката. Со други зборови: колку помалку човек знае, толку понекогаш поуверливо тврди дека цели области на знаење се лажни. Тоа е речиси школски пример за интелектуално преценување на сопствените капацитети.

Незнаењето само по себе не е срамно. Човек може да не знае, да прашува, да чита, да научи. Проблемот започнува кога незнаењето се претвора во ригидна идеологија. Кога некој не знае, кога одбива да знае, а потоа својата неупатеност ја претставува како посебна мудрост.

За некој доследно да верува дека Земјата е рамна, не е доволно погрешно да го протолкува хоризонтот. Тој мора да го отфрли речиси целиот систем на човечко знаење: астрономијата, физиката, геодезијата, картографијата, орбиталната механика, метеорологијата, воздухопловната и поморската навигација, сателитските комуникации, GPS-от и вселенските истражувања.

Тој мора да верува дека сателитите не постојат. Дека фотографиите на Земјата од вселената се лажни. Дека вселенските летови се инсценирани. Дека метеоролошките снимки не се она што се. Дека GPS-от работи некако поинаку, иако никој од нив не може смислено да го објасни како. Дека пилотите, инженерите, професорите, астрономите, геодетите, морнарите, универзитетите, агенциите и технолошките компании ширум светот учествуваат во една огромна, совршено координирана измама.

Тоа не е критичко размислување. Тоа е распад на критериумите на размислување.

Критичкото размислување подразбира сомнеж, но и способност за проверка. Тоа подразбира аргумент, факт, метод и можност за корекција. Размноземјашкото размислување го прави спротивното: прво извлекува заклучок, а потоа сè прилагодува кон тој заклучок.

Ако постои доказ против тврдењето – доказот е лажиран. Ако експерт ги објасни фактите – експертот е дел од системот. Ако технологијата секојденвно го потврдува научниот модел – и технологијата е дел од заговорот. Ако сопствениот модел не може да ги објасни затемнувањата, временски зони, годишните времиња, небото на јужната хемисфера, авионските рути, сателитските орбити и навигацијата – проблемот не се гледа во моделот, туку во наводната „глобална измама“.

Таквиот начин на размислување станува затворен, самопотврдувачки и сè помалку достапен за реалноста.

Во психолошка и психијатриска смисла, ова е мошне важно. Истражувањата на теориите на заговор со години укажуваат на поврзаност помеѓу таквите верувања со параноидната идеација, зголемената недоверба, шизотипните црти и склоност неповрзаните настани да се толкуваат како дел од некоја скриена агенда. Не случајно во екстремните конспиративни системи, светот речиси секогаш е поделен на „ние кои знаеме“ и „другите кои лажат, кријат и контролираат“.

За некои рамноземјаши, ова несомнено е образовен и културен проблем: слаба научна писменост, интелектуална запуштеност, затуцаност и продолжен престој во интернетските ехо-комори кои постојано ја хранат истата заблуда. Но, кај тврдоглавите и екстремни облици на вакво размислување, не можеме да ја игнорираме ниту психопатологијата.

Кога некој ќе развие цел паралелен систем на реалноста; кога ниту еден доказ веќе не може да допре до него; кога науката, училиштата, лекарите, професорите, медиумите, сателитите, астронаутите, пилотите и практично целата цивилизација се дел од една скриена измама; кога тој човек повеќе не ја бара вистината, туку само потврда на сопствените конструкции – тогаш не се работи само за обична глупост.

Тогаш влегуваме во просторот на параноидно размислување, преценети идеи, делузии на сродни верувања и сериозно нарушен однос кон реалноста. Последниве години стручната литература ја разгледува границата помеѓу конспиративните верувања и делузиите, особено кога таквите верувања се исклучително ригидни, бизарни, непопустливи пред доказите и го организираат целиот светоглед.

Кај поединци таков конспиративен систем може да постои и во рамките на пошироки психотични нарушувања, вклучувајќи го и шизофрениот спектар, особено кога е придружен со изразена параноја, идеи за прогон, референтни толкувања, бизарно расудување и пад во секојдневното функционирање. Во такви случаи, повеќе не зборуваме за „алтернативно размислување“, туку за сериозна деформација на контактот со реалноста.

Затоа е површно и лекомислено да се каже: „Секој има право на свое мислење“. Секако дека е така. Но, не секое тврдење има иста вредност. Мислењето не е исто што и факт. Личниот впечаток не е исто што и доказ. Интернет клипот не е исто што и научен метод. Тврдоглавото негирање на реалноста не е исто што и ширина на умот.

Рамноземјаштвото е и образовен пораз и психолошки симптом на нашето време. Тоа покажува што се случува човек ја губи почитта кон знаењето, кога повеќе не разбира колку не знае, кога алгоритамот му е замена за образованието, а чувството на посебност замена за способноста за размислување.

Тука говориме за свеста, науката, психологијата, филозофијата и сериозниот став кон вистината. Токму затоа тука мора да се постави јасна граница. Човек не може да зборува за вистината, а истовремено да шири очигледна заблуда. Човек не може да се повикува на „отворен ум“ и да отфрла какви било докази што не се вклопуваат во сопствената конструкција. Рамноземјаштвото не може да се претставува како легитимна алтернатива на науката, бидејќи тоа не е алтернатива на знаењето – тоа е нејзино негирање.

Земјата не е рамна. Сателитите постојат. GPS-от не е магија. Вселенските летови не се театарска претстава. Науката не е глобална измама. А постојаното негирање на сево ова не е знак на особена проникливост.

Во поблаги случаи, тоа е израз на необразованост, затуцаност, непросветленост и интелектуална тапост. Во потешки случаи, тоа може да биде израз на параноиден и психопатолошки сериозно нарушен однос кон реалноста.

Д-р Милан Поповиќ е психијатар и REBT психотерапевт од Белград

Клучни зборови: