Кога човек е под целосна анестезија, сите ‘под дифолт’ сметаме дека мозокот е практично исклучен од надворешниот свет. Нема свесно доживување, нема сеќавања, нема реакција на болка. Но, едно истражување објавено неодамна во списанието Nature укажува кон тоа дека приказната е нешто посложена
Дури и мозок под анестезија може активно да го обработува јазикот, да ги препознава граматичките структури и, можеби најнеочекувано, да ги предвидува зборовите што треба да следуваат во говорот.
Истражувачите ја снимале активноста во хипокампусот (дел од мозочната структура поврзан со меморијата и обработката на информации) кај луѓе што биле под општа анестезија. Во оваа состојба на испитаниците им биле пуштани различни аудио содржини и слушале говор од околината, додека научниците ја следеле електричната активност на нивните невроните. Иако пациентите биле во состојба слична на кома, нивниот мозок не бил целосно ‘тивок’. Напротив, се покажало дека невронските мрежи продолжуваат да реагираат на звучните обрасци и на јазичната структура.

Најинтересно е што мозокот не реагирал само пасивно. Анализите покажале дека одредени невронски сигнали укажуваат кон предвидување на следните зборови во реченицата, нешто кое современата невронаука го смета за клучен елемент на човековата когниција. Во будна состојба, нашиот мозок постојано ‘погаѓа’ што ќе се случи следно: кога слушаме реченица, ние однапред очекуваме зборови, интонации и значење. Очигледно, барем дел од овој механизам останува активен и кога свесниот ум е исклучен.
Ова откритие отвора важни прашања за природата на свеста. Долги години науката ја разгледуваше анестезијата како прекин на свесното искуство и на сложената обработка на информации. Но, ако мозокот и понатаму го обработува говорот и создава предвидувања, тогаш границата помеѓу свесното и несвесното можеби и не е толку остра.
Сепак, мора да напоменеме дека обработката на информации не значи и дека пациентите биле свесни за разговорите околу нив. Научниците не тврдат дека луѓето под анестезија активно слушаат или паметат сè што се случува околу нив. Многу мозочни процеси функционираат автоматски, без свесно искуство. На пример, и во сон мозокот може да реагира на звуци или на сопственото име, без човекот да се разбуди.Токму затоа ова истражување е фасцинантно. Тоа покажува дека мозокот не е едноставен прекинувач со две состојби – вклучен и исклучен. Наместо тоа, свеста изгледа како спектар на активности, каде што некои системи можат да продолжат да работат и кога субјективното чувство на свесност исчезнува.
Откритието може да има и практични последици во медицината. Ако лекарите подобро разберат како мозокот реагира под анестезија, би можеле попрецизно да ја следат длабочината на бесознанието за време на операции. Тоа би помогнало да се намали ризикот од ретките, но сериозни случаи кога пациентот станува делумно свесен при хируршка интервенција.
Покрај тоа, ваквите истражувања може да помогнат и во проучувањето на состојбата на кома, вегетативните состојби и нарушувања на свеста. Ако мозокот може да обработува јазик и без целосна свест, тогаш можеби постојат скриени нивоа на когнитивна активност кај пациентите кои денес ги сметаме за целосно ‘неконтактибилни’.
Во последните години невронауката сè почесто открива дека несвесниот мозок е многу поактивен отколку што претпоставувавме. Истражувања покажуваат дека мозокот обработува емоции, препознава обрасци и носи одлуки пред ние вистински да станеме свесни за нив. Новата студија оди чекор понатаму, таа открива дека дури и под анестезија, мозокот продолжува да ја анализира реалноста околу себе.
На некој начин, ова нè потсетува дека свеста не е единствениот облик на интелигенција во нашата глава. Под површината на свесното размислување постои огромен невронски мотор што работи непрекинато – анализира, предвидува, се обидува да му даде смисла на светот. Дури и кога ние мислиме дека мозокот спие.