Министерството за војна на САД на нивната сметка на X извести за објавата на првиот пакет фајлови кои се однесуваат на т.н. НВФ/НЛО феномени, а од кои сега е симната заштитата за строго доверливи документи. Според досега објавените јавни податоци, станува збор за најголемата координирана објава на материјали кои се однесуваат на НВФ/НЛО досега преземена од американската влада. Докази за вонземјани нема (засега) но, секако интересно е да се види што има во нив.
Главен носител на проектот е Канцеларијата за решавање на аномалии во сите домени на САД (All-domain Anomaly Resolution Office – AARO), тело формирано од Пентагон за истражување на НВФ (неидентификувани воздушни феномени). Засега архивата на податоци достапна на јавниот портал AARO UAP Records, повеќе изгледа како внимателно избрана архива (curated archive) отколку целосна објава на сирови податоци (raw data dump).
Во првиот бран објавени се околу 160 документи. Но, тоа е само првата транша. Американските власти најавуваат дека архивата ќе се проширува – AARO и Националниот архив на САД најавуваат таканаречен rolling release, постепено додавање на нови дигитализирани материјали од архивите на Пентагон, разузнавачките агенции и Националниот архив на САД.

Иако нема официјална проценка за вкупната количина податоци, јасно е дека ова не е мала колекција. Само видеоматеријалите и скенираните документи веќе зафаќаат значителен дигитален простор, а аналитичарите проценуваат дека целосната архива во иднина би можела да достигне десетици, па и стотици гигабајти ако се додадат необработени видеа и сензорски податоци.
Она што фајловите НЕ го содржат
Иако интернетот брзо се исполни со сензационалистички тврдења, важно е да се нагласи дека објавените материјали не претставуваат официјално „разоткривање“ на вонземска цивилизација. Во архивата нема тела од вонземјани, нема потврда за урнати летала, нема директни докази за вонземска технологија. Пентагон и понатаму официјално тврди дека досега нема потврден доказ дека некој од анализираните случаи има вонземско потекло. Но, тоа не значи дека темата повеќе не се сфаќа сериозно. Можеби најзначајниот аспект од целата приказна не се самите снимки, туку фактот што американската влада повеќе не ја оттурнува темата на маргините.
Последниве години НВФ феноменот постепено се трансформираше од табу тема во прашање на национална безбедност. Причината е едноставна: ако нешто навлегува во воздушен простор, се движи без јасна идентификација и притоа го регистрираат воени сензори, тогаш армијата мора да знае за што станува збор без разлика дали се работи за дрон, експериментална технологија, атмосферски феномен, оптичка грешка или нешто целосно непознато. Токму затоа денес во анализите на НВФ се вклучени Пентагон, НАСА, ФБИ, американските разузнавачки служби, но и Националниот архив на САД.
Што точно има во досега објавените документи за НВФ?
Архивата содржи декласифицирани воени извештаи, фотографии, инфрацрвени снимки, видеа направени од пилотски кабини на борбени авиони, сведоштва од пилоти, документи од ФБИ, разузнавачки документи, историски НЛО досиеја од 1940-тите, анализи на метални примероци за кои се тврдело дека се „вонземски“, па дури и материјали поврзани со мисиите Apollo.

Слика снимена на Месечината за време на мисијата Аполо 12 во 1969 година ги прикажува сенките на астронаутите, заедно со обележана област над хоризонтот што покажува „неидентификувани феномени“, според Министерството за одбрана. Фото: NASA/ US Defense Department
Особено внимание привлекуваат историските документи. Во архивата се појавуваат извештаи од 1940-тите години за таканаречените Foo Fighters, мистериозни светлечки објекти што пилотите за време на Втората светска војна пријавувале дека ги виделе над Европа и Пацификот. Тука се и рачно пишувани белешки, старински воени анализи, дописи на ФБИ и рани обиди американските власти да го разберат феноменот којшто подоцна ќе стане познат како НЛО.
Но, во архивата има и понови случаи, од 2023 и 2024 година, со необјаснети светлечки објекти снимени од американски воени формации во Сирија, необични светлосни објекти (orbes) регистрирани во западниот дел на САД, инфрацрвени снимки од воени операции во Пацификот, и видеа од системи за набљудување поставени на борбени авиони и дронови.
Најбизарните случаи
Иако поголемиот дел од новообјавените документи се рутински извештаи и технички анализи, неколку случаи особено го привлекоа вниманието на јавноста и истражувачите. Дел од нив звучат како сцени од научна фантастика, но токму затоа и предизвикаа голем интерес, бидејќи потекнуваат од официјални воени и федерални извори.
Еден од најспоменуваните случаи во новата архива опишува големи портокалови светлосни објекти (orbes) што наводно испуштале помали светлечки објекти пред целосно да исчезнат. Според извештаите објектите лебделе без јасен погон, се движеле тивко, а потоа од нив наводно се одвојувале помали црвени светлосни тела. Сведоците тврдат дека помалите објекти се движеле независно неколку секунди пред сите светла истовремено да исчезнат. Во документите нема официјално објаснување за феноменот.

Оваа фотографија од Министерството за одбрана на САД покажува „неидентификуван воздушен феномен“. Фото: Министерство за одбрана на САД
Во друг извештај се анализираат аномалии снимени со FLIR (Forward Looking Infrared) камери – системи што регистрираат топлински потписи. На инфрацрвените снимки забележливи се мали метални сфери регистрирани над конфликтни зони на Блискиот Исток. Објектите изгледале совршено сферично, немале видлив погон, немале крила или ротори, а сепак покажувале контролирано движење – промени на насока и брзини коишто тешко се објаснуваат со конвенционални летала. Пентагон призна дека дел од овие случаи и понатаму се „неразјаснети“.
Особен интерес предизвикаа и објавените материјалите поврзани со мисиите Аполо 11 и 17, поврзани со престојот на астронаутите на Месечината и во нејзината орбита има фотографии, белешки од астронаути и анализи на необични светлосни појави забележани во близина на леталото.
Секако, ваквите феномени можат да имаат повеќе објаснувања: одрази, космичка прашина, ледени честички, дефекти на камерата. Сепак, самото присуство на вакви анализи во официјалниот архив предизвика огромен интерес меѓу НЛО ентузијастите.
Веројатно најпознатиот современ НВФ случај во објавените архиви е инцидентот од 2004 година поврзан со американскиот носач USS Nimitz. Пилоти на американската морнарица забележале бел објект со форма на тик-так бонбона. Објектот немал видливи крилја, немал издувен систем, изведувал екстремно брзи маневри, нагло го менувал правецот на движење и се движел со брзини што според пилотите не одговараат на позната авијациска технологија. Особено бизарен е делот каде радарските оператори тврдат дека објектот за неколку секунди се преместил десетици километри подалеку. Иако видеото е кратко и нејасно, случајот останува еден од најанализираните во модерната историја на НВФ.

На оваа инфрацрвена снимка, дел од серија документи за неидентификувани воздушни феномени објавени од Министерството за одбрана на 8 мај 2026 година, видлив е неидентификуван објект (црна точка) снимен над западниот дел на САД во декември 2025 година
Неколку случаи опишуваат НВФ објекти што прво биле следени истовремено со радар и инфрацрвени сензори, а потоа буквално исчезнувале без трага. Во некои извештаи операторите наведуваат дека целите нагло ја менувале висината, забрзувале, или едноставно престанувале да постојат на сите системи за следење. Воените аналитичари предупредуваат дека ваквите случаи може да бидат и резултат на сензорски грешки, атмосферски ефекти, електронско попречување или софтверски проблеми. Но, токму затоа овие инциденти остануваат официјално заведени како аномалии.
Некои случаи од новите документи споменуваат таканаречени трансмедиумски (transmedium) објекти, феномени што наводно се движеле низ воздух, а потоа навлегувале во вода без видливо забавување.
Во архивата повторно се појавуваат и познатите снимки на зелени триаголни светла снимени од американски воени бродови. На видеата се гледаат светлечки триаголни форми што пулсираат, лебдат и се движат на ноќното небо. Подоцнежни анализи предлагаат дека дел од ефектот можеби бил создаден од ноќната оптика, дефокусирање на камерата и специфични отвори на леќите. Но, снимките и понатаму често се користат како пример за тоа колку тешко може да биде интерпретирањето на вакви визуелни податоци.
Секако, постоењето на вакви документи не значи автоматски и „доказ за вонземјани“. Во повеќето случаи самите анализи завршуваат со заклучок „недоволно податоци“ или „неидентификуван феномен“.
Дали сме поблиску до одговор?
Веројатно не до оној што јавноста понекогаш го замислува. Новата архива не нуди „доказ за вонземјани“. Но нуди нешто друго, можеби поважно: увид во тоа колку е сложено анализирањето на необични воздушни феномени во ера на масовни сензорски системи, дронови, напредна електроника и глобален надзор. Во таа смисла, НВФ темата денес е помалку приказна за „малите зелени луѓе“, а повеќе приказна за границите на човечкото знаење, технологијата на набљудување и потребата од внимателна, научна анализа, особено кога податоците се нецелосни, а заклучоците лесно се претвораат во митови.