Рубрика: Телекомуникации
Нова книга – 'Радиоаматерството во Македонија – развој, криза, нов почеток'
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 06.05.2026 - 18:15

Стручната литература на македонски јазик посветена на радиоаматерството  се збогатува со уште едно вредно дело. Деновиве од печат излезе книгата „Радиоаматерството во Македонија – развој, криза, нов почеток“, од авторот Владимир Ковачески (Z35M).

Книгата дава аналитички осврт на осумдецениското постоење на радиоаматерството во Македонија, следејќи го неговиот развој од првите чекори по Втората светска војна, преку периодот на силна експанзија во услови на централизирана организација и државна поддршка, до кризата што настанува по промената на општествено-политичкиот систем. Во фокусот се и процесите на постепено слабеење на традиционалниот организациски модел, намалувањето на радиоклупската инфраструктура и предизвиците со кои се соочуваат радиоаматерските организации во новите општествени околности.

Особено внимание е посветено на појавата на радиоаматерскиот плурализам, при што сè поголема улога имаат радиоаматерите-поединци и неформалните групи, кои во последните години се наметнуваат како значаен двигател на активностите во етерот и како природно дополнување на организираното делување.

Покрај аналитичкиот пристап, книгата нуди и концептуални насоки за идниот развој на радиоаматерството во Македонија. Тие се темелат врз активна база на радиоаматери, отворена соработка меѓу различните облици на организирање и развивање на организациска култура заснована на меѓусебно уважување и прифаќање на различните форми на радиоаматерско делување.

Со ова дело се отвораат важни прашања за иднината на радиоаматерското движење, но истовремено се нудат и насоки како богатото наследство може да се искористи како основа за нов, современ и одржлив развој. Книгата е наменета првенствено за радиоаматери, нивни организации и групи, но ќе биде од интерес и за пошироката публика што се интересира за историјата и развојот на ова техничко хоби.

Книгата може да се набави со нарачка од продавницата на ЕМИТЕР (на следниов линк) како и директно од авторот Владимир Ковачески (Z35M), долгогодишен соработник на списанието и автор на книгите „Радиоаматерство“, „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“, „Guerrilla Portable – a guide to ultralight outdoor amateur radio“ и „Златна јоносфера – радиоаматерство на кратки бранови“.

Клучни зборови: