Рубрика: Информатика
Промена на кормилото на Епл
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 24.04.2026 - 17:30

Американскиот технолошки гигант Епл по 15 години го менува генералниот директор. Џон Тернус, досегашниот шеф на секторот за хардверско инженерство ќе го замени Тим Кук, досегашниот ‘кормилар’ на компанијата. Примопредавањето на должноста е планирано за 1 септември.

Епл објави дека именувал замена за Тим Кук на позицијата извршен директор по речиси 15 години. Шефот на хардверското инженерство, Џон Тернус, ќе стапи на должност на 1 септември. Кук ќе остане во компанијата на позицијата извршен претседател.

Беше најголема привилегија во мојот живот да бидам извршен директор на Епл и што ми беше доверено да водам толку извонредна компанија. Го сакам Епл со целото мое битие“, наведе Кук во соопштението за медиумите.

Кук, кој го наследи соосновачот на компанијата Епл, Стив Џобс, е извршен директор од 2011 година. Со репутација за одлично оперативно управување и управување со синџирот на снабдување, тој го надгледуваше глобалното ширење на компанијата и нејзината континуирана серија нови и ажурирани уреди, иако никогаш не го достигна истиот статус на технолошки визионер каков што го имаше Џобс.

Мандатот на Кук како генерален директор означи профитабилен период на експанзија за Епл, бидејќи компанијата ја зацврсти позицијата на своите производи во општеството и бараше нови пазари, особено за ајфон. Епл претходно оваа година објави дека го имала својот најуспешен квартал во историјата кога станува збор за продажбата на ајфон, за што придонесе обновената побарувачка во Кина.

Годишниот профит на технолошкиот гигант сега надминува 100 милијарди американски долари, а вредноста на неговите акции континуирано расте повеќе од една деценија. Под водство на Тим Кук, компанијата ги претстави часовникот Apple Watch и својата линија слушалки AirPods, во чиј развој учествуваше и Џон Тернус, предводејќи го секторот за хардверско инженерство. Кук исто така ја водел компанијата при лансирањето на услуги како што се Apple Music и Apple TV+. Пазарната капитализација на компанијата порасна од околу 350 милијарди долари на почетокот на мандатот на Кук на повеќе од четири билиони (4000 милијарди) долари, колку што се проценува денес.

Според пишувањето на Њујорк тајмс, планот за наследник на 65-годишниот Кук се подготвува најмалку од минатата година. Тим Кук се покажа како вешт политички преговарач во одржувањето на глобалниот синџир на снабдување на Епл, успешно преговарајќи и со американскиот претседател Доналд Трамп и со претседателот на Кина, Си Џинпинг.

Кук, како што се наведува во соопштението на Епл, ќе задржи улога во компанијата што подразбира „соработка со креаторите на политики ширум светот“.

Педесетгодишниот Тернус се споменуваше како кандидат со најголеми шанси да го замени Кук на позицијата генерален директор. Во компанијата е од 2001 година. Во соопштението со кое ја објави својата нова улога, тој ја истакна како предност работата во компанијата за време на мандатот на Стив Џобс како извршен директор и го опиша Кук како ментор. Кук изјави дека Тернус има „ум на инженер и душа на иноватор“.

Во истото соопштение за медиумите, Тернус нагласи дека е почестен што ја презема улогата и вети дека ќе ја води компанијата следејќи ги вредностите и визијата што го дефинирале ова посебно место во текот на изминатите половина век.

Тернус ќе наследи исклучително успешна компанија која сепак се соочува со сè поголеми прашања во врска со својата иднина. Епл се соочи со детални проверки во текот на изминатата година, бидејќи инвеститорите ги доведуваа во прашање плановите на компанијата за интегрирање на вештачка интелигенција во своите производи.

Клучни зборови: