Рубрика: Фототехника
Фото на неделата: Сончева aналема над Скопје
Објавено на 16.04.2026 - 16:30

Сончева аналема над Скопје

Ако секој ден, во исто време и од истото место, го фотографирате Сонцето во текот на една цела година, композитната слика добиена од овие фотографии ќе го прикаже Сонцето како исцртува развлечена фигура на песочен часовник, односно осумка на небото. Оваа осумка, што го следи патот на Сонцето во текот на една година се нарекува аналема.

При зимскиот солистициум, односно краткоденицата, на северната хемисфера на Земјата, позицијата на Сонцето е онаа на дното од аналемата, додека во највисоката точка е прикажана позицијата на Сонцето при летниот солистициум, односно долгоденицата. Сликите на аналеми создадени од различни географски широчини се разликуваат, а се разликуваат и сликите на аналемите коишто се создадени со секојдневно фотографирање со фиксен термин, но во различно време од денот. Прекрасната крива на аналемата се добива како последица од наклонот на Земјината оска и промените во брзината додека таа се движи на својот пат околу Сонцето.

Од техничка гледна точка, креирањето на една композитна фотографија којашто ќе ја прикаже исцртаната сончева аналема на небото над одредена област претставува извонреден предизвик за фотографите, којшто бара дисциплина, посветеност и секако, поволни временски услови.

Сончева аналема над Скопје Автор на фотографија: Боби Кузманоски

Боби Кузманоски од Скопското астрономско друштво се нафати со реализација на токму ваков предизвик. Од покривот на неговата зграда тој во текот на изминатата година, еднаш неделно, секој викенд, секогаш во исто време (14 часот и 50 минути) го фотографирал Сонцето над Скопје. Притоа, секако направил и соодветно прилагодување кон зимското односно летното сметање на времето (со оглед на тоа што на Сонцето ич не му е гајле за нашите овоземски поместувања напред или назад на часовникот, следејќи го само ритамот на универзумот smiley)

Временските услови во голема мера му излегле во пресрет. Но, сликите биле правени дури и во услови на делумна облачност, магла или тенки слоеви на провидни облаци, бидејќи како што раскажува тој “ми требаше само точната позиција на Сонцето на небото, а не остра или совршено направена фотографија”.  Во текот на изминатата година само во три наврати временските услови оневозможиле спроведување на рутината – облачноста била толку густа што сликањето било невозможно. Овие три дена сепак се претставени на финалната фотографија преку Сонце со послаб интензитет.

Фотографијата во прилог е кулминација на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над Скопје. По 365 дена посветено фотографирање и трпеливо чекање на ведро небо, резултатот е фасцинантен визуелен запис во кој Сонцето ја исцртува својата карактеристична осумка, издигнувајќи се високо над Милениумскиот Крст на Водно во лето и спуштајќи се ниско над хоризонтот во зима, спојувајќи го урбаниот пејсаж на Скопје со космичкиот ритам.

Клучни зборови:
Сончева аналема над Скопје

Сончева аналема над Скопје Автор на фотографија: Боби Кузманоски