Рубрика: Астрономија и астронаутика
Преглед на досегашниот тек на мисијата Артемида 2 и очекување на денешниот највозбудлив ден
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.04.2026 - 14:15

Додека го пишувам ова полека изминува петтиот ден од лансирањето на мисијата Артемида 2. Во овој период од лансирањето до сега имавме неколку интересни и значајни моменти – повеќе фотографии и видеа од Земјата и Месечината направени од внатрешноста на вселенскиот брод Орион, една за нас “помала”, но за астронаутите голема хаварија откако вселенскиот тоалет престана да функционира, екипажот ја направи првата демнстрација за функционирање на вселенските костуми во бестежинска состојба и ја имавме и првата проба за мануелно преземање на контролите на бродот и директно контролиран лет од астронаутите.

Ако работите одат по планот денес Орион влегува во широка орбита околу нашиот најголем природен сателит, а доцна вечерва во ситните утрински часови – околку 1 часот по полноќ по македонско време – астронаутите веќе ќе бидат од далечната страна на Месечината. Во овој период че има прекин на комуникацијата од околу 40-тина минути. Набргу потоа се очекува леталото да помине и најблиску до Месечината по што Орион се упатува накај “дома”.

Поглед кон Земјата од кабината на Орион додека тоа се оддалечува на пат кон Месечината фото: NASA

Да направиме кус преглед на настаните:

Најновото ажурирање од мисијата Artemis II потврдува дека екипажот и тимовите од Земјата успешно го решија проблемот со системот за отпад (тоалетот) на леталото „Орион“. Преку заедничка дијагностика и брза интервенција, дефектот е отстранет без да се загрози безбедноста на астронаутите или текот на мисијата. (И не, Воловиц не беше вклучен во дијагностиката и отстранувањето на дефектот на овој тоалет :) )

Овој успех ја нагласува важноста на тесната соработка при неочекувани технички предизвици во длабоката вселена. Со целосно функционални системи за одржување во живот, екипажот продолжува со својата историска експедиција кон Месечината, додека сите останати системи на „Орион“ работат беспрекорно. По ова и, се разбира, неколку неопходни маневри, леталото продолжи по планираната траекторија.

На вториот ден од историската мисија Artemis II, вселенското летало Орион успешно го изврши клучниот маневар за Транслунарно вбризгување (TLI) –  прецизно согорување на моторите што му овозможи на леталото да ја напушти орбитата на Земјата и официјално да го започне своето патување кон Месечината. Екипажот со овој потег стана првата група луѓе по повеќе од 50 години се упатила кон длабоката вселена.

Потоа астронаутите започнаа со темелни проверки на системите за одржување во живот и навигацијата, осигурувајќи се дека сè е подготвено за деновите што следат.

Третиот ден беше фокусиран на прецизни навигациски прилагодувања и оперативни подготовки во внатрешноста на Орион. Клучен момент на денот беше успешното планирање и извршување на првото согорување за корекција на траекторијата (Outbound Trajectory Correction burn), маневар за фино подесување на патеката на леталото којшто овозможува тоа да помине на точно предвидената оддалеченост од Месечината.

Паралелно со техничките маневри, екипажот започна со подготовки за своите научни задачи за набљудување. Имено, астронаутите имаат специфични инструкции за локациите на лунарната површина коишто треба да ги фотографираат и документираат за време на прелетот. Овие набљудувања ќе обезбедат вредни податоци за планираното слетување на површината што треба да се случи во рамките на мисијата Artemis IV.

Внатре во капсулата, екипажот посвети време и на организација и подготовка на кабината. Ова вклучуваше оптимизација на просторот за живеење и работа, како и проверка на опремата, со цел да се обезбеди максимална ефикасност за претстојниот динамичен период на приближување кон Месечината.

На четвртиот ден од мисијата, екипажот ја заврши клучната вежба за рачно управување со леталото Орион. Користејќи ја втората фаза од ракетата (ICPS) како мета, астронаутите ги тестираа маневарските способности на бродот во непосредна близина.

Поглед над рамената на астронаутите на НАСА, пилотот Виктор Гловер (лево) и командантот на мисијата Рид Вајзман (десно), во вселенското летало Орион при тестот за рачно управување со леталото. фото: NASA

Оваа демонстрација ја потврдува способноста на екипажот за прецизно приклучување и рачно навигирање во вселената доколку автоматизираните системи откажат. По успешното завршување на маневрите, Орион се одвои од ICPS и го започна своето повеќедневно патување кон Месечината.

Астронаутите Вајзман, Гловер, Кох и Хансен известија дека сите системи функционираат беспрекорно, со што се отвори патот кон следната фаза од оваа возбудлива одисеја во длабоката вселена.

Петтиот ден од мисијата помина во знакот на технички проверки и дополнително прилагодување на патеката кон Месечината. Екипажот го започна денот со демонстрација на заштитните вселенски костими (Orion Crew Survival System). Оваа активност е од есенцијално значење за тестирање на функционалноста и удобноста на опремата во услови на бестежинска состојба, осигурувајќи дека астронаутите се подготвени за сите фази од летот, вклучувајќи и евентуални вонредни ситуации.

Покрај проверката на опремата, НАСА потврди дека е успешно извршено уште едно согорување за корекција на траекторијата. Овој прецизен маневар со моторите на „Орион“ овозможи фино нагодување на брзината и правецот на движење. Леталото останува на оптимален курс за претстојниот историски прелет околу Месечината.

Прегледот на клучните моменти при прелетот околу Месечината и распоредот на активности за денес е следен (назнаките се дадени во македонско време):

• Во 19 часот и 56 минути екипажот ќе го собори рекордот за најголема оддалеченост на луѓе од Земјата (во моментот рекордот го држи екипажот од мисијата Аполо 13 од 1970 г.).

• Во 20 часот и 10 минути се очекува аудио обраќање на екипажот по повод соборувањето на рекордот.

• Во 20 часот и 15 минути екипажот ќе започне подготовка на кабината на Орион за операциите при прелетот.

• Во 20 часот и 45 минути се очекува почеток на научните набљудувања на Месечината.

• Во 44 минути по полноќ (значи на 7 април) предвиден е прекин на комуникациите во траење од околу 40 минути додека екипажот поминува зад Месечината.

•  во 1 часот и 2 минути по полноќ леталото Орион ќе биде во точката од неговата траекторија којашто е најблиску до Месечината, на висина од околу 6550 километри.

• Во 1 часот и 7 минути Орион треба да ја достигне максималната оддалеченост од Земјата – 406 770 километри.

• Во 1 часот и 25 минути екипажот ќе го здогледа изгревот на Земјата (Earthrise) – Земјата повторно се појавува на хоризонтот, по што се очекува воспоставување на комуникација со Земјата.

• Во периодот од 2 часот и 35 минути до 3 часот и 32 минути екипажот на Орион ќе искуси сончево затемнување. Имено, од перспектива на екипажот  Сонцето ќе ‘помине’ зад Месечината.

• Во 3 часот и 20 минути екишажот ќе ги заврши активностите за набљудување на Месечината.

По овој напорен ден во 8 часот и 20 минути екипажот се очекува да го добие заслужениот период за одмор/спиење што ќе трае до 16 часот и 50 минути.

Се разбира, овој распоред е подложен на промени во зависност од оперативните потреби во реално време за време на мисијата.

Сите заинтересирани настанот ќе можат да го следат во живо преку каналот NASA+  на јутјуб. Преносот во живо е планиран да започне точно во 19 часот по македонско време

Пред заминување на спиење на 5-тиот ден од летот, екипажот на Артемида 2 направи уште една фотографија од Месечината Фотографија: НАСА

Поглед над рамената на астронаутите на НАСА, пилотот Виктор Гловер (лево) и командантот на мисијата Рид Вајзман (десно), во вселенското летало Орион при тестот за рачно управување со леталото. фото: NASA