Рубрика: Астрономија и астронаутика
По неколку одлагања, конечно започува одбројувањето за Артемида 2
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.03.2026 - 14:00

SLS системот поставен на лансирната рампа на вселенскиот центар Кенеди

Повеќе од половина век по последните чекори на човекот кон Месечината, човештвото повторно стои на прагот на една нова ера. Во раните денови на април 2026 година, погледите на светот се насочени кон космодромот во Кејп Канаверал, каде што NASA ги завршува последните подготовки за мисијата Артемида 2 (Artemis II), првиот лет со екипаж упатен кон Месечината по прекинот на програмата Аполо.

Колосалниот ракетен систем, Space Launch System, висок колку зграда од 30-ина ката, повеќе денови веќе стои на лансирната рампа и е подготвен да ја понесе капсулата Орион (Orion) и четирите астронаути на патување што ќе трае десетина дена. Датумот за лансирање беше внимателно избран – лансирањето е закажано за 1 април 2026 година во 18 часот и 24  минути по источно-американско време, односно 2 април во 24 минути по полноќ по македонско време. Сепак, како и кај сите вселенски мисии, може да има поместување доколку временските услови или техничките проверки го наложат тоа. Постојат и резервни датуми за следните неколку дена, а самиот лансирен прозорец трае околу два часа – краток временски интервал во кој сè мора да биде совршено усогласено: полнењето на гориво, проверката на системите, качувањето на екипажот, секој од овие чекори е дел од прецизната космичка кореографија каде нема место за грешка. 

Метеоролозите проценуваат дек постојат околу 80% шанси за поволни услови, сепак со доза на неизвесност што го следи секое полетување. Самото одбројување како строго координиран процес започнува на нешто повеќе од 10 часа пред лансирањето на мисијата.

Артемида 2 не е само технолошки тест, таа е симболичен мост помеѓу минатото и иднината. Последен пат луѓе се упатија кон Месечината во 1972 година, со мисијата Аполо 17. Сега, новата генерација астронаути ќе го повтори тој подвиг, но со сосема поинаква цел – да се постават темелите за долгорочно присуство на човекот надвор од Земјата.

Екипажот на оваа мисија беше внимателно избран и е симболично значаен. Во неговиот состав за првпат во една “месечева мисија” имаме една жена, личност од афроамериканско потекло и канадски астронаут, којшто е воедно и првиот неамериканец што ќе патува толку далеку во вселената. Овој состав ја отсликува новата визија на вселенските истражувања како заеднички, глобален потфат.

Екипажот на мисијата Артемида 2 фото: NASA

По полетувањето, летот ќе ја следи т.н. слободна повратна траекторија. Тоа значи дека леталото ќе сврти околу Месечината и природно ќе се врати назад кон Земјата, користејќи ја гравитацијата на нашиот природен сателит како космичка прачка. Во текот на патувањето, астронаутите ќе ги тестираат системите за животна поддршка, комуникација и навигација, критични технологии за идните мисии што ќе слетаат на површината.

Иако нема да има слетување, мисијата сепак ќе биде едно од најдалечените патувања во историјата. Имено, капсулата Орион ќе навлезе во длабата вселената, надминувајќи ги рекордите поставени во ерата на мисиите Аполо.

Она што е интересно за нас и за радиоаматерите е дека летот ќе може од Земјата да го следи речиси секој што има пристап до соодветна радиоаматерска опрема. Имено, НАСА веќе официјално се обратила до Американскиот радиоаматерски сојуз АРРЛ со покана до станиците кои имаат технички можности да слушаат и да пробаат да го примат сигналот на 2210,5 MHz и 2216,5 MHz (на 13 cm подрачје, односно S-Band), +/- Доплеров помак до 22 kHz. Предизвикот да се примат сигнали директно од вселенскиот брод Орион на неговата траекторија околу Месечината е голем, иако освен носителот, никаква друга информација (телеметрија од ракетата или разговори и видео линк со екипажот) нема да можат да се примат, бидејќи НАСА ќе користи свој декодер за фазно модулирани и енкриптирани сигнали (QPSK). Покрај тоа, сигналот ќе биде широк цели 2 MHz, за што ќе биде потребна многу поголема антена – НАСА ќе користи парабола од 9 m, а во контролниот центар во Мадрид дури од 70 m!
Како и да е, нашиот соработник Дејан Трајановски (Z31RQ) се подготвува да го следи сигналот со соодветна опрема, па наскоро очекуваме известување за процесот и успешноста на оваа мисија. 

Артемида 2 е повеќе од мисија, тоа е тест за иднината. Мисијата треба да покаже дека човештвото повторно може безбедно да испраќа луѓе надвор од ниската орбита на Земјата. Следниот чекор, мисијата Артемида 3, веќе има амбиција повторно да постави астронаути на површината на Месечината.

Но, она што е можеби најважно од сè, ова лансирање обновува една стара никогаш згасната идеја: дека хоризонтите на човештвото не завршуваат со нашата планета. Во огнот на ракетните мотори и во тишината на длабоката вселена, Артемида 2 го носи прашањето што отсекогаш нè водело напред: Што има понатаму?

Клучни зборови:
SLS системот поставен на лансирната рампа на вселенскиот центар Кенеди

SLS системот поставен на лансирната рампа на вселенскиот центар Кенеди

Екипажот на мисијата Артемида 2

Екипажот на мисијата Артемида 2 фото: NASA