Рубрика: Астрономија и астронаутика
Телескопот Хабл случајно сними редок космички спектакл
Објавено на 26.03.2026 - 21:00

Распаѓањето на кометата C/2025 K1 (ATLAS) во четири светкави фрагменти, обвиени со сино светло, забележано во ноември 2025 година, отвора нови прашања за физиката и животниот циклус на кометите.

Многу интересни откритија честопати се случуваат по случајност. Токму тоа го потврди и слиучајот со кометата К1. Имено, Хабл всушност бил насочен кон друга цел, но техничките ограничувања го принудиле тимот да избере нова “мета”. И токму тогаш, пред нивните очи, кометата се распаднала. Оваа неверојатна коинциденција се претвори во научна сензација.

Кометата К1 за првпат беше забележана во мај 2025 година преку системот ATLAS, дел од системот за рано предупредување од астероиди на НАСА. При нејзината најблиска средба до Сонцето во октомври, кометата била изложена на екстремна топлина и стрес. Само неколку недели подоцна, Хабл ја сними нејзината трансформација – од едно небесно тело во четири одвоени парчиња, секое со сопствен ореол од гас и прашина.

Сликите направени во периодот од 8 до 10 ноември 2025 година покажуваат како фрагментите постепено се оддалечуваат едни од други. Две помали парчиња се одвојуваат од најголемиот дел, а нивната светлина, обвиена во сино, изгледа како космичка уметност. За разлика од земните телескопи, Хабл успеа да улови детали што инаку би останале невидливи, овозможувајќи им на астрономите да го реконструираат моментот на распаѓање.

Но, мистеријата не завршува тука. Иако кометата се распаднала, светлите изблици што биле видливи од Земјата се појавиле со задоцнување. Научниците претпоставуваат дека се рабпто за феномен поврзан со прашината: или таа мора да се наталожи врз ледот пред да биде исфрлена, или пак топлината создава притисок што ја исфрла од внатрешноста. Овој процес, според Џон Нунан од Универзитетот Оборн, може да се покаже клучен во разбирањето на динамиката на кометите и нивната површина.

Фрагментите на К1 денес се на оддалеченост од околу 400 милиони километри од Земјата и најверојатно никогаш нема да се вратат во нашиот Сончев систем. Сепак, нивното кратко, но драматично појавување ќе остане како прозорец кон минатото: материјали од раната историја на Сончевиот систем, кои преку вакви космички спектакли ни откриваат како се формирале кометите.

Оваа случајна средба меѓу Хабл и кометата К1 е потсетник дека универзумот е полн со изненадувања. И понекогаш, највредните научни приказни започнуваат со едно „случајно“ погледнување кон ѕвездите.

Клучни зборови: