Рубрика: Колумна
Радиоаматерството како огледало на полскиот економски триумф
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 16.03.2026 - 13:30

Радиоаматер- слика креирана со ВИ

Полска неодамна ја надмина дури и Јапонија според БДП по жител приспособен според куповната моќ (GDP per capita), појава која може да се забележи индиректно преку забележливиот тренд на зголемување на бројот на нови полски радиоаматерски станици со префиксот SQ кој вообичаено е резервиран за почетници.

Ова набљудување поврзува неколку клучни точки кои во суштина го отсликуваат современото полско економско чудо преку призмата на една високотехнолошка дејност како што е радиотехниката. Иако споредбата со Јапонија зависи од специфични економски параметри, останува фактот дека Полска е во неверојатен подем кој е цврсто втемелен во одличниот образовен систем и зголемената економска моќ на граѓаните, што овозможува луѓето со подобра заработувачка да наоѓаат повеќе време и ресурси за сложени хобија како што е радиоаматерството.

Оваа теза за поврзаноста на економијата и радио-брановите е научно оправдана бидејќи радиоаматерството бара не само софистицирана опрема во форма на антени, примопредавтатели и засилувачи, туку и значително знаење што е достапно само кога општеството ќе излезе од фазата на борба за голо преживување и ќе премине во фаза на интелектуална надградба.

Зголемениот број на станици со префикс SQ на радиоаматерските дијапазони е директен доказ дека хобито се подмладува и шири во Полска со годишна стапка на раст од 3% до 5%, што е во остра спротивност со традиционалните радиоаматерски сили како Германија, Велика Британија или Јапонија каде бројот на оператори стагнира или е во постојан пад поради високата просечна старост. Дури и кај нас во Македонија, просечната возраст на Z3 радиоаматерите изнесува околу 65 години, без изгледи за подмладување.

Овој успех е директен резултат на одлуката на Полска стратешки да го реформира својот образовен систем почнувајќи од 1999 година со воведувањето на гимназиите и одложувањето на професионалната селекција, со што им се овозможи на сите ученици дополнително тригодишно висококвалитетно општо образование. Ова драстично ги подобри резултатите на учениците кои претходно би биле „отпишани“ во стручни училишта со послаб квалитет.

Наместо строго учење на памет, се воведе систем кој го поттикнува критичкото размислување и дигиталната писменост, поддржан со масивни инвестиции во лаборатории и техничка опрема од фондовите на Европската Унија. Беа воведени редовни надворешни тестирања кои не беа казнени, туку служеа како патоказ за тоа каде системот треба да се подобри. Денеска Полска е во европскиот врв според резултатите на ПИСА тестирањата на средношколците.

Полска рано разбра дека иднината е во STEM дисциплините (наука, технологија, инженерство и математика), па кога еден млад човек уште во училиште учи за електромагнетни бранови на модерна опрема, сосема природно е тоа знаење подоцна да го примени лично преку софтверски дефинираното радио (SDR) или дигиталните модови како FT8.

Дополнителен поттик доаѓа од силната поврзаност на високото образование со индустријата каде универзитетите во големите полски центри станаа „магнети“ за истражувачки центри на глобалните технолошки гиганти Google, Intel, Samsung, Amazon, NVIDIA, Microsoft, IBM и Ericsson, создавајќи висококвалификувана работна сила во возрасната група од 25 до 45 години која денес го носи префиксот SQ. Оваа SQ генерација има и знаење и средства да инвестира во врвна опрема, претворајќи го радиоаматерството во демонстрација на техничка супериорност и престиж. Затоа денеска радиоаматерските бандови се преплавени со полски радио станици, подеднакво зачестени како германските или италијанските станици.

Додека на Запад ова хоби често се доживува како носталгично потсетување на минатото, во Полска постои силен култ кон инженерскиот успех кој се манифестира преку масовно учество во светски натпревари каде полските оператори редовно доминираат. Овој еволутивен пат од образовни реформи до економска стабилност ја позиционира Полска како нов лидер на европската технолошка мапа, докажувајќи дека секој нов сигнал во етерот е всушност потврда за успешно изградено модерно општество. Полска стана и еден од главните центри за производство на модерна радиоаматерска опрема и додатоци во Европа, што дополнително ја потхранува локалната радиоаматерска заедница.

Каде е Македонија во оваа приказна за образованието, техничката култура и технолошко-економскиот развој?

Клучни зборови:
Радиоаматер- слика креирана со ВИ

Радиоаматер - слика креирана со ВИ