Минатата влада беше погубна за електроенергетика и се очекуваше дека новата влада да има веќе спремна стратегија што да прави во тој однос за санирање на состојбата. Меѓутоа освен што оформи ново министерство за енергетика и назначи министерка која воглавно се бави со туристички патувања по светот, во енергетиката ништо не промени и сѐ се одвива по теркот од претходната влада.
Во медиумите се вртат 4 енергетски проекти кои би придонеле за подобрување на енергетската состојба, а во реалност 3, бидејќи најдоходовниот им е далеку од паметот.
Тоа се:
1. Чебрен – долга градба, скап, недоволно доходовен проект што нема никогаш да се оствари. А и да се оствари ќе биде мал придонес во општата енергетска слика.
2. Вардарска долина – скап проект, поготово што прво треба да се дислоцира железничката пруга, недоволен за подобрување на енергетската состојба. Па, никогаш нема ниту да се реализира.
3. Изградба на две гасни електрани од по 150MW во Неготино и две гасни електрани од по 250MW во Битола, во когенерација со постоечките блокови би било успешно санирање на енергетиката – тоа би било вкупно: 2 х150 + 2 х 250 = 800MW по 0,8 милиони евра по MW. Вкупно 640 милиони инвестиција. Не се многу пари и можно е да се направат зашто секоја од наредните години ќе се плаќаат по 150 милиони евра годишно за купување на струја. Ама НЕ САКААТ.
4. И најисплатливо нешто кое владата не сака воопшто да го види (а воглавно го вртиме во медиумите само ние “Неформалното здружение на инженери”) е “РЕЗЕРВОРСКИОТ ТИП НА ХИДРОЕЛЕКТРАНА НАД АКУМУЛАЦИЈАТА КОЗЈАК, НА ПЛАНИНАТА СУВА ГОРА”.

Поглед на езерото Козјак од воздух Фото: Википедија/Деан Лазаревски CC BY-SA 4.0
Зашто ова решение е најдобро
Во последните 3 до 4 години во Македонија А И ВО ЦЕЛ СВЕТ има силен бум на соларни електрани. Причини за тоа се поевтинaта технологија, приватни инвестиции и кратко време на изградба (6-18 месеци). Но, проблем е што сончевата енергија има голем дневен пик (10–16 часот). Тоа создава вишок од струја преку ден и недостиг навечер. Ова веќе се гледа во многу земји (Грција, Бугарија, Шпанија). Ако продолжи сегашниот тренд, Македонија навистина може да има вишок од 300-600 MW преку ден и недостиг навечер.
Клучен проблем е складирањето на енергијата. Систем со многу фотоволтаици не може да работи стабилно без складирање. Најевтино и најдолго решение за складирање е пумпна хидроелектрана, а во нашиот случај резервоарски тип на хидроелектрана со голем висински пад. Тоа е Сува Гора со Козјак. Акумулацијата Козјак е веќе голем резервоар. Планината Сува Гора има висински платоа и природни депресии. Огромна висинска разлика, од околу 700 – 800 m, што е економски одлично.
За споредба, Dinorwig Power Station има 500 m (во северен Велс), Bath County Pumped Storage Station има 380 m (САД). Локацијата на Сува Гора има повисок пад од многу светски централи. Ако претпоставиме дека има потенцијал за 20 GWh за складирање (а има) тоа е огромна енергија. За споредба Dinorwig има ~9 GWh, додека Bath County ~24 GWh. Тоа значи дека системот би можел да покрива цел ноќен врв на Македонија и да складира вишок соларна енергија преку ден.
Голема предност е што Козјак веќе постои. Тоа значи дека нема нова голема брана, проектот е значително поевтин и побрз за изградба. Пумпна електрана без голема брана може да се изгради за: 4-6 години, што е двојно побрзо од Чебрен. Ако се искористи пад од 800 m, можната инсталирана моќност би била 1200 – 1600 MW, со складирана енергија од 15 – 25 GWh. Тоа би бил најисплатив енергетски објект во Македонија.

Таква централа би имала неколку улоги: балансирање на фотоволтаиците, извор на ноќна енергија, регулација на фреквенцијата, извоз на струја во пик часовите и стабилизација на целиот балкански систем. Сепак, како потенцијални проблеми, треба да се испитаат геологијата на Сува Гора, достапноста на вода, еколошките влијанија, преносната мрежа (400 kV).
Голема пумпна централа со голем пад може да биде најдоброто решение. Во продолжение една претпоставена анализа во која како долна акумулација се користи Езеро Козјак, а како горна акумулација се ползуваат природните депресии на Сува Гора за коишто ќе треба доградба на ниски брани од едната страна со височина од околу 20-30 метри. Во претпоставената варијанта при висинска разлика од 800 m, корисен волумен вода од 10 милиони m³, ефикасност на системот од 80%, густина на водата 1000 kg/m³, формулата за енергија би била следна:
E = ρ×g×h×V
E = ρ×g×h×V
каде:
ρ = густина на вода, g = 9.81 m/s²
h = висинска разлика. V = волумен
Пресметка
E = 1000 × 9.81 × 800 × 10,000,000
E = 78,480,000,000,000 J или во kWh: 21.8 GWh, Со загуби (80% ефикасност): ≈ 17 GWh употреблива енергија
Што значи ова за Македонија?
Просечната потрошувачка на Македонија, ноќе е приближно 600–800 MW. Со 17 GWh складирана енергија системот може да испорачува 700 MW околу 24 часа или 1400 MW околу 12 часа. Тоа е идеално за ноќниот врв. За претпоставена инсталирана моќност со пад од 800 m, типична турбина може да има проток ≈ 100–120 m³/s . Ако се инсталираат 4 турбини добиваме 1500 MW централа. Тоа би било многу поисплатливо од Чебрен и би бил највреден објект во Македонија.
Да се складираат 17 GWh со батерии би чинело ≈ 6–8 милијарди евра, додека кај оваа пумпна електрана ≈ 1 – 1.5 милијарди евра, и таа ќе трае најмалку 80 години. Претпоставената складирана потенцијална енергија ќе биде доволна во секој поглед за покривање на пиковите, балансирање и додатна испорака на енергија, дури и за извоз.
Македонија има вкупно годишна потреба од електрична енергија околу 7-8 терават часови. Оваа акумулација годишно може да акумулира сосема доволно за покривање на сите типови на потреби за цела година.