Рубрика: Екологија
Изложбата фотографии посветена на балканскиот рис пристига во Скопје
Објавено на 04.03.2026 - 16:45

Патувачката изложба за балканскиот рис по седум посетени места низ Македонија за првпат доаѓа и пред скопската публика.

Изложбата ја организира Македонското еколошко друштво (МЕД) во рамките на регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme) со желба да ја доближи убавината и реткоста на балканскиот рис, но и да се прикаже и долови теренската работа на друштвото.

Досега, благодарение на оваа Програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, преку ГПС-следење да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната, како и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот.

Избраните дваесетина фотографии што ќе бидат презентирани на изложбата се дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки – метод што друштвото го користи веќе 18 години. Преку нив ќе може да видите како изгледа „домот“ на балканскиот рис, до каде се протега, зошто е загрозен, како и која е прва фотка од рисот направена од МЕД!

На отворањето ќе може да се слушнат и повеќе интересни факти за рисот, а присутните ќе можат и директно да разговаараат со тимот на МЕД и да ги прашаат за што било поврзано со нивното теренско искуство.

Изложбата ќе може да се види од утре, 5 март 19  часот, во просториите на едукативниот културен центар Лабораториум , па сè до 5 април. Наменета е буквално за сите возрасти.

Влезот е слободен.

Клучни зборови: