Рубрика: Историја и археологија
Ракописот на Галилео пронајден во маргините на астрономски трактат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.03.2026 - 11:30

Во Националната централна библиотека во Фиренца (Италија), историчарот Иван Малара направи извонредно откритие. Имено, во едно старо издание од 1551 година на највлијателниот астрономски трактат од антиката Алмагест, се пронајдени бројни ракописни белешки што потекнуваат од раката на младиот Галилео Галилеј.

Трактатот Алмагест, напишан во вториот век од н.е. од Клавдиј Птоломеј, ги собрал вековите астрономски набљудувања и математички модели за движењето на планетите и ѕвездите. Тој го афирмирал геоцентричниот модел, идејата дека Земјата е статична во центарот на универзумот, модел што доминирал во научната мисла повеќе од илјада години.

Прелистувајќи ја книгата, Малара забележал со рака пишани запишани белешки во маргините на книгата, па дури и транскрипција од Псалмот 145, кои потсетуваат на ракописот на Галилеј. Дополнителните анотации во маргините, сите со стил и потпис кој се совпаѓа со неговиот, го потврдуваат авторството.

Белешките напишани од раката на Галилео на изданието од 1551 година на Птоломејовиот Алмагест фото: Национална централна библиотека во Фиренца

Ова открива дека Галилео Галилеј, како млад студент по математика, внимателно го проучувалAlmagest од Клавдиј Птоломеј. Имено, токму од овој период потекнуваат неговите маргинални коментари во кои се гледа како младиот студент наместо слепо прифаќање, пресметува и споредува.

Неколку децении претходно Никола Коперник веќе го има објавено неговиот Мал трактат (Commentariolus) во кој ја претставува идејата на хелиоцентричниот модел. Но, во времето на Галилео, оваа идеја сè уште е контроверзна и далеку од општо прифатена.

Галилео го усовршува телескопот и прави серија набљудувања што ќе го сменат текот на науката. Во 1610 ја објавува книгата Sidereus Nuncius (Објава на ѕвездите или Небесниот/Ѕвездениот гласник), во која ги опишува планините и кратерите на Месечината, четирите најголеми месечини на Јупитер и безброј нови ѕвезди

Белешките не се само археолошки куриозитет. Тие се вовед во умот на еден млад научник кој интензивно размислувал за идеи што подоцна радикално ќе го изменат научното гледиште. Овие анотации укажуваат дека Галилеј не само што ги прочитал идеите на Птоломеј, туку ги критички анализирал, иако Птоломеевиот модел бил доминантен предолго време.

Тоа значи дека неговото подоцнежно отфрлање од геоцентричниот систем и поддршката за хелиоцентричниот модел – идејата дека Сонцето е во центарот, а не Земјата – не биле одлука во некој момент, туку плод на подлабоко проучување и критичко размислување. Галилео темелно го познавал системот што подоцна ќе го оспори. Тој не ја отфрлил традицијата од незнаење, туку од разбирање. Ова е суштината на модерниот научен метод: Проучување на постоечкото знаење > Критичко преиспитување > Емпириска проверка.

Галилео подоцна стекнува слава и признаниен со направените набљудувања на повеќе небесни објекти со телескоп – како месечевите предели, фазите на Венера и четирите големи сателити на Јупитер, што дадоа силна поткрепа и потврда на Коперниковите идеи и го поттикнаа развојот на модерната наука.

Откритието на ракописните белешки во Алмагест ни дава ретка перспектива во развојот на Галилеевата научна мисла,  потсетувајќи нѐ дека големите научни револуции често почнуваат со прашање, читање и критичко преиспитување на она што веќе е прифатено за вистина.

Клучни зборови:
Белешките напишани од раката на Галилео во маргините на Птоломејовиот Алмагест

Белешките напишани од раката на Галилео на изданието од 1551 година на Птоломејовиот Алмагест фото: Национална централна библиотека во Фиренца