Изминатата недела, поточно во четврток (26.2.2026) се случи извонреден настан, вистински празник за астрономите аматери, љубители на астрономијата и сите оние што со копнеж гледаат кон ноќното небо. Имено, на иницијатива од проф. д-р Ристе Попески-Димовски, а во организација на Скопското асторономско друштво, Македонското астрономско друштво и ПМФ, на платото на Институтот за физика при ПМФ околу 200 посетители присуствуваа на јавното набљудување на Месечината, Јупитер, Сириус и познатиот трапезиум во маглината М42 во соѕвездието Орион
Имајќи го предвид краткото време на организација и најава, само еден ден порано, посетеноста ги надмина сите очекувања и покрај тоа што локацијата на ПМФ не е во самиот центар на градот.
Настанот обедини љубители на науката од сите возрасти – од деца на предучилишна возраст кои заедно со своите родители за првпат погледнаа низ телескоп, ученици и студенти желни за нови знаења, па сè до повозрасни посетители кои со восхит ги следеа објаснувањата за физичките процеси што се одвиваат во вселената. Преку разговори за гравитацијата, движењето на планетите и ѕвездената еволуција, присутните можеа да ја почувствуваат убавината и длабочината на физиката и астрономијата.




Поставени беа четири телескопи и многубројните посетители трпеливо чекаа во ред пред секој од телескопите за низ нив одблиску да ги видат кратерите и „морињата“ на Месечината, јасно да ги забележат облачните појаси на Јупитер и дел од неговите најсјајни месечини, како и да го набљудуваат сјајот на најсветлата ѕвезда на ноќното небо – Сириус.
Главна ѕвезда на вечерта беше големиот Секретен рефрактор со пречник на објективот од 200 мм и фокусна должина од 3000 мм, инструмент идеален за набљудување на планети, двојни ѕвезди, како и Сонцето и Месечината. На него се набљудуваа Месечината, Јупитер, Трапезиумот во Орионовата маглина, како и Сириус.
Ваквите настани имаат особено значење бидејќи љубовта кон науката се вградува уште од мали нозе. Кога детето ќе го види релјефот на Месечината или светлината што патувала милиони километри за да стигне до нашите очи, се раѓа љубопитност која може да прерасне во идни научни соништа.

“Ова беше навистина пријатно дружење околу телескопите. Морам да признаам дека и мене ми недостигаше чувството повторно да погледнам низ телескоп и да ги видам Месечината, Јупитер и Сириус Б, како и да им помогнам на децата како правилно да набљудуваат или да одговорам на прашања поврзани со астрономијата”, вели Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво на нивниот ФБ профил. Во објавата тој во име на САД најавува дека ова дружење е само загревање за претстојната “сезона”, ветувајќи дека: “Ќе се видиме повторно, кога времето ќе се затопли, на некое друго место, со некои други телескопи и со нови приказни.”
На настанот за набљудување во четвртокот, Ристе Попески Димовски организираше дрон со камера за да направи фотографии и видео од набљудувањето со телескопите. Настанот, кој траеше цели три часа и беше посетен од огромен број посетители, вреди да се види и од оваа птичја перспектива па подолу ви пренесуваме дел и од овие фотографии. Повеќе може да најдете на објавата на Факултетско студентско собрание на ПМФ тука