Рубрика: Медицина
Мачките и ракот на дојка
Објавено на 27.02.2026 - 15:30

Домашната мачка Лани, милениче на Латаша Лудвиг еден од коавторите на трудот

Домашните мачки, нашите миленичиња, можат да бидат клуч за разбирање и лекување на ракот на дојка кај луѓето. Ова е заклучокот на првата сеопфатна генетска студија за рак кај мачки, спроведена од еден меѓународен тим со учество на Универзитетот во Берн.

 

Генетски паралели помеѓу мачките и луѓето

Истражувачите анализирале 13 различни типови на тумори кај речиси 500 мачки од пет земји. Во споредба со човечките и кучешките геноми, откриено е дека многу од мутациите се појавуваат на истите „жешки точки“ во геномот. Најчесто мутиран ген кај мачките е TP53, исто како и кај луѓето.

Домашната мачка Смоки, милениче на Џефри Вуд, професор на Катедрата за патологија при Ветеринарниот колеџ на Онтарио и еден од коавторите на трудот фото: Џефри Вуд

Иако мачките живеат со нас и ги делат истите влијанија на средината, досега малку знаевме за нивната генетика на рак. Оваа студија покажува колку е важен пристапот One Health – заедничко истражување на здравјето на животните и луѓето,“ вели проф. Свен Ротенберг, директор на Институтот за патологија на животни во Берн.

 

Изненадувачки откритија кај туморите на дојка

Мамарните тумори кај мачките долго време се сметале за слични на т.н. тројно негативен рак на дојка кај луѓето. Истражувачите очекувале да најдат мутации во генот BRCA1, но наместо тоа откриле промени во FBXW7 – ген што кај луѓето е поврзан со полоша прогноза.

Ова откритие отвора нови можности: претходните истражувања покажале дека човечките клетки со неактивен FBXW7 се особено чувствителни на одредени лекови, како винка алкалоиди. Тимот од Берн ги тестирал овие лекови врз тридимензионални модели на мачкин тумор („MAM tumoroids“) и утврдил дека тие се значително поефикасни кај туморите со FBXW7 мутации.

Нашите резултати сугерираат дека мачките со вакви мутации може да бидат модел за специфичен подтип на рак на дојка кај луѓето,“ додава докторандот Чанг Хе, ко-автор на студијата.

 

База на податоци достапна за сите

Студијата ја создаде првата слободно достапна база на генетски податоци за рак кај мачки. Ова ќе им овозможи на научниците ширум светот да ги споредуваат мутациите и да развиваат нови терапии.

За првпат имаме податоци за генетските причини на рак кај мачки. Тоа не само што ќе помогне во нивното лекување, туку може да отвори нови можности за клинички студии кај луѓето,“ истакнува д-р Луиз ван дер Вајден од Wellcome Sanger Institute во Велика Британија.

 

Мост помеѓу ветеринарната и хуманата медицина

Ова истражување е пример за тоа како ветеринарната медицина може да придонесе за напредок во хуманата медицина. Универзитетот во Берн веќе години работи на развој на модели за рак на дојка, а сега мачките стануваат важен дел од таа приказна.

Со оваа студија градиме мост меѓу здравјето на животните и луѓето. Тоа е моќта на One Health – да се подобри здравјето на сите,“ заклучува Ротенберг.

 

Финансиска и институционална поддршка

Проектот е финансиран од Швајцарската национална фондација за наука, EveryCat Health Foundation, CVS Ltd и Wellcome Trust. Во анализата учествувале и Центарот за прецизна медицина во Берн (BCPM) и платформата COMPATH, кои обезбедуваат техничка и научна поддршка за транслационо истражување.

Со оваа студија, домашните мачки добиваат нова улога – не само како миленици, туку и како сојузници во борбата против една од најтешките болести кај луѓето.

Извор: Универзитет во Берн

Клучни зборови:
Домашната мачка Лани, милениче на Латаша Лудвиг еден од коавторите на трудот

Домашната мачка Лани, милениче на Латаша Лудвиг, асистент клинички професор на Универзитетот Корнел и еден од коавторите на трудот фото: Латаша Лудвиг

Домашната мачка Смоки, милениче на Џефри Вуд, еден од коавторите на трудот

Домашната мачка Смоки, милениче на Џефри Вуд, професор на Катедрата за патологија при Ветеринарниот колеџ на Онтарио и еден од коавторите на трудот фото: Џефри Вуд

Проф. д-р Свен Ротенберг

Проф. д-р Свен Ротенберг, Директор на Институтот за патологија на животни, Оддел за заразни болести и патобиологија (DIP), Факултет Ветсвис и раководител на група во Кластерот за отпорност на терапија на рак (Оддел за биомедицински истражувања) при Универзитетот во Берн. Фото: zvg / Courtesy of Sven Rottenberg / màd

Чанг Хе, Докторант и специјализант

Чанг Хе, Докторант и специјализант (комбинирана програма за докторат/специјализација ECVP/ACVP), Истражувачка група Ротенберг, Институт за патологија на животни, Оддел за заразни болести и патобиологија (DIP), Факултет Ветсвис при Универзитет во Берн. Фото: zvg / Courtesy of Sven Rottenberg / màd

Д-р Луиз ван дер Вајден, BSc (Hons), PhD, Виш истражувач во експериментална генетика на ракот Адамс Група при Институтот Велком Сангер, Велика Британија. фото: zvg / Courtesy of Louise van der Weyden / màd