Изборот на интернет домен честопати изгледа како техничка одлука, но во пракса тој претставува еден од клучните елементи на дигиталниот идентитет на компанијата. Оваа дилема ќе биде тема на еден од најинтересните сегменти на конференцијата „Српски ден на интернет домен“ DIDS 2026, што ќе се одржи на 17 март во Младинскиот центар во Белград, Србија.
Програмата ќе се фокусира на интерактивeн fireside chat „.RS vs .COM“, осмислен како динамичен дуел на сцената, во кој директно ќе се „судрат“ аргументите за националните и глобалните домени. Форматот не е замислен како класична панел-дискусија, туку како енергична размена на мислења со активно учество на публиката, што на оваа тема ѝ дава дополнителна тежина и практична вредност.
Перспективата на националните .RS домени ќе ја претставува Младен Савиќ, основач и извршен директор на True-False Hosting, кој има повеќе од 20 години искуство во ИТ индустријата. Неговата кариера вклучува работа на интернет и мрежна инфраструктура, развој на веб-апликации и серверски системи, како и долгогодишно искуство во дизајнирање серверска архитектура и администрирање на производствени системи.

Компанијата што ја води денес е еден од овластените регистри на национални домени во Србија, а за краток временски период постигна најбрз раст во својата категорија, што се потврдува со признанието на RNIDS. Фокусот на неговата работа е на сигурноста и перформансите на интернет услугите, како и поддршката за дигиталниот бизнис на малите и средни претпријатија, што ја прави неговата перспектива особено релевантна за српскиот пазар.
Од друга страна, глобален поглед на домените ќе презентира Зоран Бухавац од „Гама Електроникс“, експерт со децениско искуство во телекомуникацискиот и ИКТ секторот. Својата професионална кариера ја започнал во „Телеком Србија“, каде што работел на одржување на системите и работа со големи деловни корисници, а од 2004 година активно учествувал во развојот и продажбата на интернет услуги.
Неговото долгогодишно вклучување во работата на Фондацијата RNIDS, вклучувајќи ги функциите претседател на Управниот одбор и претседател на Конференцијата на соосновачи, внесува дополнителна димензија во дискусијата, бидејќи ги поврзува техничките, деловните и стратешките ставови за развојот на домените во Србија и пошироко.
Оваа размена на мислења доаѓа во време кога податоците јасно покажуваат промени на пазарот. Доменот .RS континуирано расте од 2008 година, од првите десетици илјади регистрации до повеќе од 160 000 активни домени денес, додека истражувањата покажуваат дека дури 69,8% од компаниите во Србија го користат доменот .RS, наспроти 25,6% кои се решаваат за .COM.

Токму овие трендови поставуваат клучни прашања за компаниите: дали локалниот домен станал стандарден избор, како влијае на довербата на корисниците и препознатливоста на брендот и каде се вклопува глобалниот .COM во оваа слика кога станува збор за проширување на бизнисот надвор од границите на домашниот пазар.
Ова се интересни прашања што сосема легитимно можеме да ги пресликаме и да си ги поставиме и кога е во прашање нашиот локален пазар. Ако сте заинтересирани да ја проследите во живо дискусијата, а патот некако не ве носи накај Белград во тој период, РНИДС обезбедува и директен пренос во живо преку нивниот јутјуб канал тука
Конференцијата е организирана од Фондацијата „Регистар на националниот интернет домен на Србија“, а DIDS 2026 се одржува под слоганот „Нови хоризонти“, со фокус на иднината на дигиталниот идентитет и развојот на интернет просторот. За време на еднодневната програма, ќе бидат презентирани најновите истражувања, панел дискусии и главни предавања, кои дополнително ја осветлуваат улогата на домените во современото работење.
DIDS со години ги обединува клучните играчи во интернет заедницата на Србија, а овогодинешното издание носи уште посилен фокус на стратешките одлуки што директно влијаат на дигиталното присуство на компаниите.