Во длабочините на пештерата Скаришоара (Scărișoara) во Романија се наоѓа еден од најголемите подземни глечери во светот – масив од мраз со волумен од околу 40 олимписки базени, кој почнал да се формира пред приближно 13 000 години. Во таа замрзната архива на минатото, научниците изолирале бактерија стара околу 5000 години која покажува отпорност на дел од денешните антибиотици.
Станува збор за сојот Psychrobacter SC65A.3, идентификуван во ледено јадро земено од длабочина од 25 метри, извадено од делот на пештерата познат како „Големата сала“. Истражувањето е објавено во списанието Frontiers in Microbiology.

Влез во пештерата Скаришоара во Романија фото: Википедија/Țetcu Mircea Rareș , CC BY-SA 4.0
Во лабораториски услови, научниците ја изложиле бактеријата на 28 антибиотици што рутински се користат за лекување бактериски инфекции. Сојот бил отпорен на 10 од нив, меѓу кои и на trimethoprim, clindamycin и metronidazole – лекови што се применуваат за сузбивање на различни бактериски инфекции.
На прв поглед, ова звучи како сценарио од научно-фантастичен филм на катастрофа – древен микроорганизам „разбуден“ од мразот, отпорен на третматите на современата медицина. Но, научниците нагласуваат дека нема докази дека овој сој е опасен за луѓето. Имено, Psychrobacter SC65A.3 е психрофил – организам што „го сака студот“. Тој природно опстојува во екстремно ладни средини и не е адаптиран да инфицира човечки организам. Повеќето видови од родот Psychrobacter се среќаваат во мраз или во разладени средини, вклучително и храна складирана на ниски температури.
Дополнителната геномска анализа на Psychrobacter SC65A.3 открила уште еден важен аспект: присуство на 11 гени што потенцијално кодираат молекули способни да го инхибираат или уништат растот на други бактерии, габи и вируси.

Уметнички приказ на собирање ледени јадра од глечер во пештера слика: Логос/ВИ за ЕМИТЕР
Како што планетата се затоплува, глечерите и ледените пештери постепено се топат. Тоа отвора прашање: што ќе се случи со микроорганизмите заробени во мраз илјадници години?
Во последниве години, други научни тимови оживеаја од пермафростот вируси стари и до 48 000 години, со цел да го проценат засега малиот, но реален ризик од изложување на потенцијални патогени од минатото.
Според истражувачите, повеќето од нив најверојатно се безопасни. Сепак, некои би можеле да носат гени за отпорност или други биомолекули што би влијаеле врз денешните екосистеми доколку се ослободат.
Клучната поента на истражувањето е дека антибиотската резистенција не е феномен создаден од современата медицина. Таа има длабоки еволутивни корени. Бактериите милиони години водат „биолошка трка во вооружување“, разменувајќи мали делови од ДНК – дури и меѓу неповрзани видови – за да стекнат предност во борбата за опстанок. Антибиотиците, на крајот, и самите потекнуваат од природни соединенија што микроорганизмите ги користат едни против други.
Современата употреба и злоупотреба на антибиотици, меѓутоа, може да го забрза ширењето на механизми што веќе постоеле во природата долго пред човекот да ги развие овие лекови. Во контекст на глобалната здравствена криза со антимикробната резистенција, темата станува уште поактуелна. Според World Health Organization, речиси 5 милиони смртни случаи годишно се поврзани со инфекции отпорни на лекови.
Бидејќи повеќето антибиотици историски се откриени преку проучување на микроорганизми од почвата, научниците сè почесто бараат нови кандидати во екстремни средини, од морското дно до ледените пештери. Молекулите што ги произведува оваа древна бактерија можеби ќе понудат основа за развој на нови лекови во иднина.