Колку е навистина стара Хеопсовата пирамида? Официјалната наука вели околу 4600 години. Но, една нова контроверзна хипотеза излезе со мошне сензационално тврдење, дека градбата е можеби постара од 20000 години! Што кажуваат традиционалните научни докази, а на што се темели ова контроверзно тврдење...
Кеопсовата пирамида на платото Гиза е една од најпознатите и најголемите древни структури на Земјата. Векови наназад таа е предмет на фасцинација и научни расправи.
Традиционално утврдување на староста
Во египтологијата најшироко прифатената хронологија го сместува времето на нејзината изградба во периодот околу 2580 до 2560 година п.н.е., во текот на владеењето на фараонот Куфу – време што одговара на крајот на четвртата династија на Старото царство. Ова датирање се потпира на комбинација од археолошки наоди, пишани извори и радиокарбонско датирање на органски материјали поврзани со пирамидата.

Големата пирамида од Гиза попозната и како Кеопсова пирамида фото: Википедија
Имено, за да ја утврдат староста на древните објекти, археолозите користат класични научни методи коишто вклучуваат датирање со C14 на органските остатоци, како парчињата дрво најдени на локалитетот или во малтерот помеѓу камените блокови, што може да укаже на временската рамка во која дрвото е растело – и, со тоа, кога е поставено во структурата. Истовремено се користат и пишани извори и натписи пронајдени во внатрешните простории, како и регионалната хронологија на гробници и меморијални објекти поврзани со фараонот Куфу. Комбинацијата од овие податоци дава цврста основа на заклучокот дека пирамидата била изградена во рамките на Стариот Египет пред околу 4600 години.
Нови (контроверзни) хипотези
Во јануари 2026 година објавен е труд од инженерот Алберто Донини во кој се предлага нов, неконвенционален пристап за датирање на староста на пирамидите од Гиза, наречен Метод на релативна ерозија (Relative Erosion Method – REM).
Методот се заснова врз едноставна идеја – ерозијата на каменот со текот на времето зависи од изложеноста на атмосферските агенси како ветер, вода и температура. Во неговото истражување Донини споредува две површини од истиот камен блок:
• Површини што биле покриени со оригинален варовнички „кадинг“ (обвивка) до пред приближно 1300-та година од нашата ера, кога тие биле отстранети;
• Површини што биле континуирано изложени на ерозија уште од времето на изградбата на пирамидата.
Споредувајќи ги тој пресметал коефициенти на ерозија и заклучил дека поставувањето на камените блокови може да му припаѓа на многу постаро време — со просечни вредности што паднале во опсегот од околу 8954 п.н.е. до 36878 п.н.е., со средна вредност околу 22916 п.н.е. Тој предлага дека околу 20000 години пред нашата ера постоела цивилизација способна да ги изгради најголемите пирамиди на Гиза.
Критика и научна скепса
Оваа хипотеза, иако привлечна за медиумите и публицитетот, не е прифатена од стручната египтолошка заедница поради неколку важни причини. Имено, REM методата не е проверена од независни научни истражувачи и не е објавена во рецензирани научни списанија. Масивните влијанија на ерозијата не се лесни за стандардизација. Факторите од типот на климатските промени низ милениумите, заштитата од песок, човечката активност и современите загадувачки процеси може значително да влијаат на стапките на ерозија. Покрај тоа, египтолозите укажуваат дека ерозијата не е доверлив „временски записничар” – таа не се одвива со постојана, линеарна стапка што би можела едноставно да се пресмета.
Па оттаму иако оваа теорија предизвикува интерес, таа засега останува спекулативна и контроверзна и не ги руши децениските докази што ја поткрепуваат традиционалната хронологија.
Истражувањата на древните монументи како Кеопсовата пирамида нѐ потсетуваат дека науката е во постојан развој. Новите идеи, дури и ако конечно се покажат како неточни, честопати нè поттикнуваат да ги преиспитаме методите, да ги подобриме техниките за мерење и истражување и да се развие дијалог во врска со тоа како ги разбираме историските податоци.