Рубрика: Историја и археологија
Како ВИ ги откри правилата на една древна римска игра
Објавено на 12.02.2026 - 16:30

Во музејот Het Romeins Museum во јужниот дел на Холандија, има еден необичен артефакт кој долго време ги „збунува“ археолозите — мала камена плоча со врежани линии, најдена пред повеќе од еден век во местото што во римско време се викало Coriovallum. Овој објект, изработен од бел варовнички камен увезен од северна Франција, мошне веројатно бил наменет за забава, подлога за популарна игра. Но, каква, како се играла?

Неодамна тим на истражувачи успеа да „разбие“ дел од мистеријата со помош на вештачка интелигенција, и да открие како веројатно функционирала оваа досега непозната римска игра.

Самата плоча е мала, со димензии од околу 20 x 15 x 7 сантиметри и со линии врежани на горната површина, коишто на прв поглед воопшто не личат на игрите што ги познаваме денес. Со оглед на староста на објектот, датиран во доцната римска ера, и на тоа што од тој период не постои писмена документација за играта, истражувањето барало многу поинаков пристап од традиционалните археолошки методи.

Подлогата за играње (лево) и фигурите за поместување (десно)

Артефактот бил предмет на детална анализa на употребна абразија (use-wear analysis). Овој метод овозможува да се гледа кои делови од предметот покажуваат знаци на абење — на пример, ако камен бил користен како дел од производствен процес, како алатка или токму како подлога за друштвена игра. Истражувачите откриле дека само одредени линии на плочата покажуваат изразено излитување, што е типично за абразија предизвикана од повторливо движење (тркалање или туркање) на тврди играчки,  детектирани кај познати игри најдени на други римски локалитети во околината.

Освен тоа, истражувањата на микроструктурата на површината покажале разлики помеѓу изабените и необработените делови, што укажува дека линиите биле дел од активност — најверојатно повторливо движење на објекти по одредени траси, во согласност со правила на игра.

Но, како да ги реконструирате правилата на една игра којашто не е опишана во ниту еден познат текст и за која немате оригинални фигури? Тука настапува вештачката интелигенција. Истражувачите искористиле специјален систем за моделирање игри наречен Ludii, којшто овозможува AI-управувани симулации на игри врз основа на различни сетови на правила.

Тимот составил листа од преку 100 потенцијални сетови на правила — вклучувајќи варијанти од европски игри од различни историски периоди, особено оние кои вклучуваат блокирачки стратегии (blocking games), каде целта на играчот е да го блокира движењето на противникот. Со користење на AI агенти, тие симулирале по 1000 партии за секој сет правила. Во играта AI агентите „одлучуваат“ како и каде да ги движат фигурите, а потоа алгоритмот ги споредува тие движења со местата со најизраза абразија на каменот.

Истражувањето покажало дека девет сетови на правила (од сите испитани) биле конзистентни со обликот и распределбата на абразијата на плочата и сите тие биле варијанти на игри со цел блокирање. Во овое игри најчесто еден од играчите има повеќе фигури од другиот и обидувајќи се да го блокира противникот, создава модели на движење кои се совпаѓаат со абењето на плочата.

Поради ова, тимот го именувал објектот како Ludus Coriovalli или „играта од Coriovallum“,најверојатно неформална занимација за тепање време на римските граѓани од овој локалитет.

Зошто е ова откритие важно? Откритието носи големи промени за археологијата и за изучувањето на древните игри. Вообичаено, археолозите можат да утврдуваат функција на некој предмет само ако постојат текстови, слики или други директни сведоштва за неговата намена и употреба. Во случајот со Ludus Coriovalli, не постоел ниту еден ваков извор. Но, комбинацијата од микроскопска анализа на абразија и ВИ моделирање им овозможила на научниците да ги реконструираат можните правила и да ја поврзат играта со вистински начини на играње.

Истото истражување отвора пат кон идни проекти што би користеле слични техники за дешифрирање на други мистериозни предмети. Ние денес знаеме дека игрите како шах, дама или повеќе варијации на “блок-игри” постоеле со илјадници години, но многу од нив останале непрепознатливи во археолошките записи. Сега, со ВИ како партнер, можеби можеме да разбереме како нашите предци се забавувале и размислувале  и тоа на начин којшто е поинтерактивен и поинформативен од кога било досега.

Откритието на Ludus Coriovalli преку ВИ-симулација е пример како технологијата може да ја прошири нашата способност да ги толкува артефактите од минатото. Наместо само да ги гледаме линиите на каменот, сега можеме да „играме“ со можните правила и да си замислиме како Римјаните седеле околу овие плочи, туркајќи камчиња и уживајќи во стратегија и тактика, илјадници години пред нас.

Откритието е објавено неодамна во научното списание Antiquity.

Инаку, откако правилата се откриени направена е и електронска веризија од играта. Па сега можете и вие да се испробате во партија Ludus Coriovalli тука

Клучни зборови: