Рубрика: Астрономија и астронаутика
Граѓанско-научниот сектор со Декларација за космосот да стане дел од македонската образовна стратегија
Објавено на 12.02.2026 - 14:15

Меѓународни, граѓанско-научни, стручни и студентски организации кои дејствуваат во областа на космичките активности, астрономијата, науката, образованието, младинските политики, студентските работи, човековите права и јавните политики, координирано настапија со заедничка Декларација за интеграција на космосот и вселенското образование во Македонската образовна стратегија 2026–2032, доставена до Собранието, Владата и Министерството за образование и наука.

Со Декларацијата се укажува на сериозен системски пропуст во актуелната Национална стратегија за образование: целосното отсуство на космосот и вселенското образование, и покрај нивната клучна улога во современите научни, технолошки и образовни политики на глобално ниво.

Во документот се констатира дека повеќе од 80 држави имаат лансирано сопствен сателит, преку 75 држави располагаат со астрономски опсерватории, над 70 држави го имаат интегрирано вселенско образование во своите национални образовни системи,додека македонските ученици и студенти остануваат без институционален и системски пристап до овие области.

Декларацијата повикува на:
• препознавање на космосот како релевантна и стратешка образовна област;
• вклучување на космичките науки, технологии и апликации во стратешките насоки на образовниот систем;
• транспарентно и инклузивно креирање на образовните политики;
• точна и одговорна јавна комуникација за постоењето на граѓански, стручни и научни забелешки;
• почитување на улогата на граѓанско-научниот сектор како легитимен чинител во јавниот и институционалниот дијалог.

Иницијативата е непартиска, заснована исклучиво на јавниот интерес, образовни, научни, правни и развојни аргументи, како и меѓународно прифатени практики. Декларацијата останува отворена за приклучување на дополнителни организации. 

Потписници на Декларацијата се Македонско КОСМИЧКО ДРУШТВО при МКД – Битола, Канцеларија на Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија, составена од: Македонско АСТРОНОМСКО ДРУШТВО; Скопско АСТРОНОМСКО ДРУШТВО; Македонско ИСТРАЖУВАЧКО ДРУШТВО; Македонски СТУДЕНТИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ ОД КОСМОСОТ; Здружение за вселенски развој ИНТЕРНЕШНЛ СПЕЈС АЛАЈНС; Меѓународно КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола; Македонско друштво на студентите физичари (МДСФ) – Скопје; Македонско здружение на млади правници (МЗМП) – Скопје; 

Целосниот текст на Декларацијата е достапен подолу во прилог на оваа вест

Датотеки за преземање:
 
Клучни зборови: