Рубрика: Медицина
Нипа (Nipah) во Индија – што навистина значи тоа за Македонија?
Автор: Драган Даниловски
Објавено на 29.01.2026 - 12:00

Деновиве, гледам, се шират наслови на темата „смртоносен вирус Нипа“ по медиумите и преку социјалните мрежи. Наслови што најавуваат „црвени аларми“, „коми“ и „заразени медицински сестри“ и, очигледно, имаат јасна цел – да привлечат кликови и внимание.

Да започнеме со факти: во источната индиска држава Западен Бенгал регистрирани се пет потврдени случаи на Nipah вирус (NiV), вклучувајќи двајца здравствени работници, и сите лица со кои тие биле во контакт – близу 200 – биле следени и тестираните биле негативни.

Индиските здравствени власти истакнуваат дека епидемиолошката ситуација е под контрола, дека се преземаат мерки за изолација, надзор и лабораториски тестови и дека ситуацијата е постојано мониторирана.

Што е Nipah?

Nipah е зоонозен вирус што природно циркулира кај животни, најчесто овошни лилјаци (fruit bats), но може да се пренесе и на луѓе преку директен контакт со инфицирани животни, преку контаминирана храна или, ретко, од човек на човек при блиски контакти.

Болеста може да се манифестира со симптоми кои варираат од незначителни, слични на грип, до тешки респираторни заболувања и воспаление на мозокот (енцефалитис), што во некои епидемии имало сериозни последици.

Со оглед на тоа дека не постои широко достапна вакцина или специфичен лек за Nipah, вирусот е вклучен во листата на приоритетни патогени во Планот за истражување и развој на Светската здравствена организација (The World Health Organization R&D Blueprint).

Иако вирусот е опасен, клучно е дека тоа воопшто не значи непосреден ризик за сите нас!

Во последните 25 години Nipah е регистриран главно во делови од Југоисточна Азија, со епидемии во Малезија, Бангладеш и различни години во Индија. Тие се локализирани, контролирани и не се пренесуваат брзо преку географски граници без близок контакт со инфицирани случаи.

За да „влезе“ Nipah во Македонија, би било потребно лице што било експонирано на вирусот и развило симптоми по враќање.

Таков случај може да биде идентификуван, подложен на тестирање и соодветно изолиран преку добар надзор на границите од страна на здравствените служби.

Дури и тогаш, ризикот од понатамошно ширење во општата популација останува низок, бидејќи за пренос треба интензивен близок контакт – најчесто во домашни или здравствени услови без заштитни мерки.

Сметам дека ова е типична ситуација во која разумна подготвеност и прецизна комуникација се важни. Паника не е оправдана!

Податоците покажуваат дека земји во регионот, како Тајланд и Тајван, повторно воведуваат здравствени проверки на граничните премини инспирирани од искуствата со КОВИД-19, што е разумна претпазлива мерка. Но, тоа дефинитивно не е сигнал за неизбежна пандемија.

Што да очекуваме како јавност?

- Ако имате роднини или пријатели што патуваат во Индија, особено во региони каде што има пријавени случаи, основно е сопствено информирање и епидемиолошка историја при јавување на здравствени служби.

- За пошироката јавност, стандардните хигиенски навики, одржување дистанца од лица со акутни симптоми на тешка инфекција и внимателно следење на официјалните здравствени упатства се навистина доволни.

- И, најважно – не смееме да дозволиме сензационализмот да ја замени реалната проценка на ризикот.

Комуникацијата за јавноздравствени теми треба да биде рационална и базирана на факти. Не на страв.

Што е разумно да направат институциите?

Во вакви ситуации, неколку чекори се доволни:

1. Потсетување на здравствените установи - инфектолошките служби и примарната здравствена заштита - за значењето на епидемиолошката анамнеза (анкета) – особено регистрирање податоци за скорешно патување во региони со регистрирани случаи со тешка фебрилна, респираторна или невролошка симптоматологија.

2. Нема потреба од нови протоколи, освен стандардна инфекциска контрола: постоечките мерки за лична заштита, изолација на сомнителни случаи и безбедно ракување со телесни течности се сосема доволни за спречување на болнички пренос.

3. Микробиолошките (вирусолошките) лаборатории да имаат јасна комуникациска линија со клиниките за брза консултација при сомнителни случаи и, доколку е потребно, координација со меѓународни лабораториски мрежи.

4. Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и клиниките да одржуваат рутинска размена на информации.

5. Ако се појави сомнителен или потврден случај, комуникацијата кон јавноста мора да биде брза, транспарентна и базирана на факти: што знаеме, што не знаеме и што значи тоа (а што не значи) за граѓаните.

Д-р Драган Даниловски

Клучни зборови: