Како неформално здружение на инженери од Македонија, кое подолго време ја следи состојбата во државната енергетика, Здружението на инженери на Македонија го давде следниот коментар по најновите најави на Владата.
Најавите за можна изградба на хидроцентралите „Чебрен“, „Галиште“ и, особено, „Бошков Мост“, ги поздравуваме со големо одобрување. Станува збор за итно потребни производни капацитети и брзоповратни инвестиции, чие производство на електрична енергија е од клучно значење за државата и за граѓаните, како најсигурна и најфлексибилна енергија. Хидроцентралите се исклучително важни извори на обновлива енергија кои природно се надополнуваат со фотонапонските и ветерните електрични централи, особено во периодите кога нивното производство е намалено.

Сметаме дека Владата нема да погреши доколку изгради било која од овие акумулациони хидроцентрали и целосно ја поддржуваме нивната итна реализација. Во однос на складирањето на електричната енергија, предлагаме изградба на посебна реверзибилна хидроцентрала со природен горен резервоар во околината на Езерото Козјак, наместо „Чебрен“, за кој сметаме дека е посоодветно да биде класична акумулациона хидроцентрала со пониска брана.
Иако проектите „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков Мост“ се значајни и добредојдени, уште еднаш сакаме да ја нагласиме исклучителната важност на проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали. Овој проект би произведувал околу 1.309 GWh електрична енергија годишно и, во комбинација со фотонапонските и ветерните електрични централи, во голема мера би ја намалил потребата од складирање и увоз на електрична енергија, обезбедувајќи долгорочна енергетска стабилност за државата.
Во тој контекст, апелираме Владата да не гради нова железничка пруга во просторот резервиран за „Вардарска Долина“, бидејќи таквата интервенција би го оневозможила овој стратешки енергетски проект и би ја загрозила идната енергетска независност на државата. Државата има ретка можност да ја зацврсти својата енергетска стабилност и независност, но таа можност не смее да се жртвува за нерентабилни и несоодветно планирани инфраструктурни решенија.
Изградбата на хидроцентралите е економски оправдана и од суштинско значење за државата и граѓаните, поради што ја изразуваме нашата поддршка за ваквите иницијативи и им посакуваме успех на надлежните институции во нивната реализација. Доколку се оствари, ова е одлука што нема да се мери со еден мандат, туку со децении енергетска стабилност.