Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фото на месецот: Три дена, едно Сонце, еден скопски покрив
Автор: Скопско Астрономско Друштво
Објавено на 29.12.2025 - 14:30

Целта беше да се создадат серија фотографии што ќе го документираат зајдисонцето на секој 21-ви во месецот (за ова повеќе во мај, кога ќе го имам и последниот залез laugh)

За овој потфат ми беше потребна локација достапна преку целата година, од која ќе можам јасно да го видам хоризонтот и на најдолгиот и на најкраткиот ден во годината. Прво што ми падна на памет беше покривот на зградата. Знаев дека во зима Сонцето заоѓа на левата страна од Водно и се гледа од покривот, но за летото требаше да почекам до јуни за да проверам дали воопшто ќе можам да фотографирам од покривот на зградата или ќе треба да барам друга локација. Кога конечно се искачив на покривот еден ден пред летниот солстициум, видов дека Сонцето заоѓа веднаш до соседната зграда на десната страна — локацијата беше совршена.

Гледајќи ги првите тест резултати на мониторот, ми дојде една брилијантна идеја: наместо само една фотографија од зајдисонцето, зошто да не го уловам целото негово движење додека се спушта кон хоризонтот? Сакав визуелно да ја прикажам линијата на еклиптиката — патеката по која Сонцето привидно се движи низ небото.

Пресметките покажаа дека со фотографирање на секои 5 минути, ќе добијам совршено распределени сончеви дискови на небото. И така, едниот проект се претвори во два, со тоа што вториот се добива „гратис“ при фотографирање на првиот. Следниот ден, започнав со фотографирање два часа пред самото зајдисонце, поставувајќи ја основата за летниот солстициум.

Истата постапка ја повторив за есенската рамноденица и за зимскиот солстициум. Инаку, нема потреба од посебно снимање за пролетната рамноденица, бидејќи патеката на Сонцето тогаш целосно се совпаѓа со онаа од есента. Поради облачното време во декември, финалната зимска низа беше фотографирана на 27.12. Иако беше помината една недела од самиот солстициум, поради феноменот на сончев застој, позицијата на зaоѓање е речиси идентична, што ми овозможи успешно да ја комплетирам оваа визуелна приказна за небесната механика.

Единствено ми е криво што немаше снег за фотографијата од зимскиот солстициум – тоа ќе беше навистина идеално. Здравје, следната година доколку има снег, ќе може да се штракне и додаде снежна фотографија на панорамата. Сепак, ова останува уникатен приказ на вечниот танц помеѓу Земјата и нејзината ѕвезда, уловен од еден скопски покрив.

Боби Кузманоски,
Скопско астрономско друштво

Клучни зборови: