Рубрика: Фототехника
Изложба на фотографии: Дисциплина на светлината
Објавено на 05.12.2025 - 15:00

Зрно фестивал годинава ја завршува со впечатлива изложба на двајца професори од Академијата за уметност од Нови Сад, двајца  трагачи по светлината!

Во единството на делата на Јелена Ковачевиќ Воргучин и Предраг Узелац се отвора расправа за природата на трагите што ние луѓето ги оставаме. Узелац ги фаќа лицата на секојдневието во сребро, во материја што тврдоглаво памти, како да го штити она што светот лесно би го заборавил без аплауз — лицата на привидно обични луѓе со скриени подвизи, водени од сопствена етика, скромно, претставувајќи контрапункт на јавното мислење и наметнатите, непроверени вредности на современото општество.

Јелена, напротив, ги прилепува сликите за тревата, во ткиво што ја прима светлината како космичка храна, каде хлорофилот го чува споменот на мајката онолку долго колку што природата му дозволува да ја предизвикува судбината на сеќавањето. Во нивниот диптих се среќаваат две вистини: потребата и немоќта животите да се сочуваат од заборав… Среброто и тревата, постојаноста и исчезнувањето, човекот и сеќавањето — сè се среќава во вечното прашање: што од светлината останува, а што се враќа во нејзината тишина.

Фотографија од серијата 'Хлорофилни записи' Автор: Јелена Ковачевиќ-Воргучин

Годинава Зрно својата мисија ја насочи кон ФотоСинтеза – славење на суштината на животородниот аспект на светлината и синтеза – понуда за безбедно, удобно прибежиште и собрание на сите љубители и „воини на светлината“, оние  преостанатите на светов. Во 2025та Зрно ја славеше светлината заедно со голем број исомисленици од целиот свет. За крај, како што и прилега, ја претставуваме синтезата на двајца фотографи и нивните до овој момент-засебни приказни-синтетизирани во една, а двете ја слават моќна на светлината, од денес, интегрирани во една нова целина. Чиста Фотосинтеза!

 

ХЛОРОФИЛНИ ЗАПИСИ – Јелена Ковачевиќ-Воргучин

Суштината на хлорофилниот фотографски процес е добивање фотографска слика без употреба на класични фотографски техники или емулзии за создавање фотографски запис. Со користење органски материјали и природни светлосни влијанија врз нив се добива фотографска слика. Делувањето на сончевите зраци врз тревните влакна, односно природниот процес на фотосинтеза, директно влијае врз создавањето на фотографската слика. На оваа изложба се истражува влијанието на светлината и фотосинтезата врз промената на пигментот на тревата и се создаваат хлорофилни фотографски записи на трева како алтернативна подлога за добивање фотографска слика.

 

СЕПАК ХЕРОИ – Предраг Узелац

Експерименталните портрети создадени како дел од проектот „ Сепак херои “ се фотографирани со старинска дрвена камера на стаклени плочи, рачно налеана емулзија потопена во сребрен раствор. Со враќањето на оваа древна техника, Узелац се спротивставува на сеопфатното влијание на вештачката интелигенција и го брани првобитниот принцип на фотографијата - цртањето со светлина. Преку серија портрети, Узелац нуди аргумент против новите уметнички тенденции, но и актуелните општествени вредности. Што значи да се биде херој денес е едно од прашањата што Узелац го поставува преку овие дела. Фотографирајќи навидум обични луѓе, тој го дава своето разбирање за чесниот и автентичен хероизам во современото општество.  Со овие уникатни дела, Узелац воспоставува нови вредносни системи - и уметнички, со враќање на исконската фотографија и општествени, нудејќи различни значења на идеите за успех и хероизам.

Отворање во Во сабота, 6 декември, во 19.30 часот, во салата Империјал 2, во КИЦ-Скопје.

Експериментален портрет од серијата 'Сепак херои' Автор: Предраг Узелац

За авторите

Јелена Ковачевиќ Воргучин, визуелна уметница и фотографка, дипломирала во Средното училиште за дизајн „Богдан Шупут“ во Нови Сад во 1993 година, насока графички дизајн. Истата година се запишува на Академијата за уметности во Нови Сад, на насока сликарство со технологија во класата на проф. Јован Ракиджиќ. Основните академски студии ги завршила во 1998 година и го стекнала звањето дипломиран сликар – професор по ликовна култура. Магистрирала на Факултетот за примeнeти уметности во Белград во 2003 година, кај проф. Бранимир Карановиќ, на насока фотографија, и го стекнала звањето магистер по уметности од областа на фотографијата. Докторските студии по ликовни уметности на Академијата за уметности во Нови Сад ги запишала во 2016 година. Во март 2023 година ја претставила својата докторска изложба како дел од јавната презентација на докторскиот уметнички проект под наслов „Поетика на времето: (авто)биографија на семејството“. Своите дела ги изложила на дваесет самостојни изложби во земјата и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Нејзиното истражувачко и творечко поле е првенствено во медиумот на фотографијата, често пробивајќи ги класичните граници на фотографската слика. Во фокусот на нејзиниот интерес секогаш е човекот, неговиот однос кон себе, кон другите и кон животот. Полазиштето најчесто го наоѓа во семејството како јадро на општеството, испитувајќи го постојаното одвивање на меѓучовечките односи, воспоставувањето и распаѓањето на врските, нивната кревкост, непостојаност и несовршеност, често сугерирајќи ја неопходноста и потребата за повторно обединување и обновување на прекинатите врски.

Предраг Узелац, Нови Сад. Дипломирал на Академијата на уметности, на отсекот за ликовни уметности, насока фотографија во Нови Сад, каде што денес ги посетува докторските академски студии по ликовни уметности. Од 1997 година изложува на бројни колективни и самостојни изложби во Белорусија, Југославија, Мексико, Франција, Хонг Конг, Германија, Јапонија, Словачка и Србија. Во својата уметничка пракса поминува низ различни пристапи и жанрови, како што се документарна, режирана, пејзажна и портретна фотографија. Професионално, меѓу другото, работи како уредник на фотографија и фотограф во повеќе публикации на „Галеријата на Матица српска“. Во повеќе наврати бил член на жирито за престижни фотографски награди како: „World Student Biennale of Photography“, „PDP Creative Media Conference“, „Press Photo Србија“ и други. Во последниот период истражува и работи на полето на старите благородни фотографски процеси (wet plate, silver print, cyanotype, класична црно-бела фотографија...). Учесник и организатор е на бројни фотографски работилници.

Клучни зборови:
Експериментален портрет од серијата 'Сепак херои'

Експериментален портрет од серијата 'Сепак херои' Автор: Предраг Узелац

Експериментален портрет од серијата 'Сепак херои'

Експериментален портрет од серијата 'Сепак херои' Автор: Предраг Узелац

Фотографија од серијата 'Хлорофилни записи'

Фотографија од серијата 'Хлорофилни записи' Автор: Јелена Ковачевиќ-Воргучин