Рубрика: Астрономија и астронаутика
Потврдено – астероидот Бену ги поседува сите состојки за коктелот наречен живот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.12.2025 - 16:30

Надворешноста на колекторот на примероци OSIRIS-REx.

Замислете пронаоѓање на рецептот за живот скриен во камен од вселената. Токму тоа се случи. Tраги од различни типови шеќери, без кои РНК и ДНК не би постоеле, се идентификувани во примероците земени од астероидот Бену

За потсетување, во октомври 2020 година мисијата NASA OSIRIS-REx,  го посети ова небесно тело во моментите кога астероидот се наоѓаше на 320 милиони километри од Земјата. По враќањето на сондата OSIRIS-REx и капсулата со драгоцен товар во 2023 година, 121 грам прашина од Бену, примероците беа распределени во лаборатории ширум светот. Првите студии открија вода, јаглерод и органски молекули. На почетокот од оваа година беше потврдено присуството на аминокиселини (многу од нив познати од биолошките процеси на Земјата), амонијак и сите пет азотни бази што ја градат генетската азбука. Но, недостасуваше нешто суштинско – шеќерите коишто го формираат костурот на нуклеотидите рибоза (за РНК) и дезоксирибоза (за ДНК).  Сега, последните анализи, чиишто резултати се промени со објавени во Nature Geoscience го променија ова.

Како беше откриено?

Во лабораторија во Јапонија, научниците од Tohoku University внимателно обработиле дел од карпите на Бену со киселини и вода и потоа со напредни техники анализа, како гасна хроматографија и масена спектрометрија, детектирале присуство на рибоза – шеќерот којшто е структурна компонента на РНК. Заедно со него се појавиле и други шеќери: гликоза, галактоза, арабиноза и ксилоза. Единствено што недостасува е дезоксирибоза – градбениот елемент на ДНК.

 

Зошто е важно?

Присуството на шеќери во примероци донесени директно од вселената е огромна потврда: тие не се резултат на контаминација на Земјата, туку навистина постојат на астероиди.

Присуството на шеќери и други молекули неопходни за живот претходно беше забележано во метеорити што паднале на Земјата, но таму секогаш постоеше сомнеж за контаминација. Наодите од Бену, каде примероците пристигнаа недопрени, ја потврдуваат валидноста на претходните откритија.

Ова оди во прилог на хипотезата дека животот можеби започнал како “свет на РНК“, каде најстарите форми на живот на Земјата биле составени од молекули на РНК коишто биле првите носители на информации и катализатори на реакции, долго пред појавата на ДНК.

 

Поглед кон Сончевиот систем

Научниците претпоставуваат дека овие шеќери мошне веројатно се формирале во солените водни базени на небесното тело од кое потекнува Бену. Се смета дека слични услови постојат и на месечината Енцелад и на џуџестата планета Церера. Тоа значи дека состојките за живот не се реткост – напротив, ги има во изобилство, мошне веројатно расфрлани низ целиот Сончев систем, а астероидите како “курири-доставувачи” ги донеле на Земјата, можеби и на Марс и на други планети.

Клучни зборови:
Надворешноста на колекторот на примероци OSIRIS-REx.

Надворешноста на колекторот на примероци OSIRIS-REx. Прашина од астероидот Бену може да се види од десно. НАСА/Ерика Блуменфелд и Џозеф Аберсолд