Натписот на базалтната плочка од Башплеми откриена во Грузија, испишан со непознато писмо, би можел да ја ревидира историјата на древните јазици во Кавкаскиот регион.
Во 2021 година, на брегот на едно мало вештачко езерце на вулканската висорамнина Дманиси во Грузија, рибари извлекоа од водата нешто неочекувано – базалтна плочка покриена со непознати симболи. Шеесет знаци, триесет и девет од нив уникатни, врежани со помош на конусно зашилен предмет во исклучително тврд материјал. Вистинско писмо, но на кој јазик? И, најбитното… дали станува збор за досега непознат јазик? Без да знаат, рибарите им го предадоа на археолозите еден од најенигматичните наоди од подрачјето на Кавказот – плочката од Башплеми.
.jpg)
Плочката од Башплеми, под специјално осветлување © Journal of Ancient History and Archaeology
По долго проучување, откритието објавено во 2024 година во Journal of Ancient History and Archaeology под наслов „Откривање на непознати знаци на писмо во Грузија: Плочата на езерото Башплеми“. Се работи за плочка од локален базалт, приближно со големина на книга, гравирана од едната страна со шеесет знаци, со триесет и девет различни симболи. Фотографиите и техничките цртежи покажуваат линии, спирали, агли и точки распоредени во седум хоризонтални редови.
Геолозите потврдуваат дека станува збор за базалт од висорамнината Дманиси; микроскопската анализа открива дека засеците биле направени со конусни дупчалки и абразивни алатки, а не со современ нож. За создавање на таков веродостоен фалсификат би биле потребни алатки и вештини некомпатибилни со контекстот на пронаоѓачите, жители на рурално село кои дури и ја изгребале површината на предметот без да ја сфатат неговата вредност.
И тука започнува вистинската мистерија – за каков вид писмо станува збор? Авторите ги споредиле знаците со над дваесет познати системи, од семитски азбуки (феникиски, арамејски, хебрејски) до архаичен грчки, од кавкаски писма (старогрузиски, кавкаски албански, наводни “колхиски руни”) до брахми, доцноегипетски хиероглифи и предримски ибериски азбуки. Обемните табели во статијата покажуваат делумни сличности тука и таму, но не и совршено совпаѓање: како плочката да зборува на јазик од “семејството” јазик, но не личи на ниту еден од “роднините”.

Фотографија од воздух од брегот на езерцето Башплеми © Journal of Ancient History and Archaeology
Најголема графичка сличност се појавува кај знаците дефинирани како прагрузиски (протогрузиски) и со симболите од железното време пронајдени во регионот. Ова укажува на локално потекло на текстот, можеби поврзано со културите на Колхида и на Кавкаска Иберија од периодот помеѓу доцното бронзено време и раното железно време (XIII – IX век п.н.е.), долго пред првите христијански грузиски натписи.
Дали станува збор за изгубен јазик од регионот на Кавказот?
Да си ја замислиме оригиналната сцена: некој, пред повеќе од три илјади години, седнува со најдобрите метални алатки што ги поседува и трпеливо го врежува овој текст во многу тврд камен. Тие не го прават тоа за забава: обработката на базалтот е макотрпна и токму поради оваа причина, изборот на подлогата/медиумот укажува на тоа дека информациите биле наменети да траат. Од тие причини научниците претпоставуваат дека можеби станува збор за список на воен плен, на јавни дела или снимен заветен принос кон некое божество. Но, без да се знае фонетското значење на знаците, секоја хипотеза останува конзервативна.

Илустрација од плочката од Башплеми, каде што 60-те знаци се нумерирани и поделени во седум 'регистри'. Меѓу најзначајните елементи се знакот 4, тројка од точки што можеби се користи како делител или нумерички маркер; паровите 13–14 и 48–49, кои се повторуваат во комбинирана форма; и особено густиот, истрошен кластер од знаци 29–31. Во петтиот регистар, се издвојуваат знаците 47 и 54, чија функција е сè уште неизвесна. Последниот ред кулминира со симболи 58–60, вклучувајќи ја и спиралата 59, можеби најмистериозниот симбол, за кој се смета дека претставува логограм - односно графички знак што не претставува звук (како што претставуваат буквите од азбуката), туку цел збор или концепт - или ритуален знак. Една хипотеза е дека целиот натпис бележи количини или приноси, организирани во делови. © Journal of Ancient History and Archaeology
Можеме ли тогаш да кажеме дека сме откриле нов јазик? Сè уште не. Она што го имаме, со голема сигурност, е досега непознат систем на пишување, веројатно дел од поширока традиција која сега е речиси целосно исчезната. Како и дискот од Фестос (од Егејот), плочката Башплеми е полуотворен прозорец. Таа покажува дека на древниот Кавказ имало многу повеќе “писанија” од претпоставуваното, но сè уште не ја знаеме приказната што тие ја носат.