Рубрика: Енергетика
Веднаш инвестиции за базно производство на електрична енергија
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 20.11.2025 - 16:30

Сакам да укажам на трендот, присутен во целиот свет, на растечката потреба за електрична енергија во следните децении заради овие причини: зголемување на бројот на електрични автомобили, за греење (и ладење) со топлински пумпи, разни потреби во домаќинството и во индустријата, како и сè повеќе за услуги поврзани со вештачката интелигенција којашто функционира со помош на центри за податоци. За да се задоволат овие потреби потребно е зголемување на производството на електрична енергија, а тука се отвораат големи предизвици и проблеми. Факт е дека има зголемување на употребата на обновливи извори (сонце и ветер), но тоа не е ни приближно доволно за задоволување на сите потреби. Тоа е една од причините за турбуленции во светот во однос на енергетските суровини (нафта и гас), а почнува замав и за нови капацитети со нуклеарна енергија. На ова треба да се додаде и заострената геополитичка состојба во целиот свет.

Што прави Република Македонија (РМ) во енергетскиот сектор во ваква сложена ситуација? Состојбата е загрижувачка како последица на погрешните чекори во последните неколку децении. Речиси не е изграден ниту еден капитален објект (електроцентрала) со стабилно производство на електрична енергија. Од друга страна термоелектраните во РЕК Битола се при крај на нивниот работен век, а резервите за јаглен (лигнит) се веќе исцрпени, па мораме да увезуваме со што производствената цена се покачува.

Заради енергетската криза во 2022 година, кога цената на електричната енергија на отворениот пазар скокна многу високо, многу фирми и други корисници пресметаа дека многу поисплатливо е да инвестират во изградба на фотоволтаици. Бранот на инвестиции во фотоволтаици трае и денес и тоа е добро за вкупната состојба на електроенергетскиот систем во РМ. Најавени се проекти за изградба на сончеви електроцентрали и ветерници од странски инвеститори, но тоа не го решава главниот проблем, а тоа е дека во РМ нема доволно базно производство на електрична енергија што ќе ги покрива потребите кога нема сонце и ветер. Исто така, најавена е изградба на гасни когенеративни електроцентрали од странски инвеститор, но во таков случај тој ќе ја продава струјата по пазарни цени (како на пример “ТЕ-ТО“), значи и ова не е соодветно решение.

Се наметнува решение за изградба на електрани за сопствено базно производство на електрична енергија, а тоа се хидро и гасни електрани. Всушност, во неколку стратегии за енергетски развој на РМ веќе неколку децении е наведена изградба на хидроелектраната Чебрен, а во последната верзија е предвидено да биде реверзибилна (пумпно акумулациона). Исто така, предвидено е изградба на гасни когенеративни централи. Овие електроцентрали треба да ги изгради државата со најмалку 51% сопственост за да може да ја одредува цената на електричната енергија да биде прифатлива за домашните потрошувачи.

Имаме нова Влада во РМ веќе 17 месеци, а во неа постои и новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Веднаш се појави поголемо раздвижување и беа покажани повеќе активности во секторот енергетика, а беа најавени и некои поамбициозни планови за работата во иднина. Но,...?!

Иако надлежните органи изјавуваат дека РМ чекори напред во областа на енергетиката и дека енергетската сигурност и суверенитет се безбедни, јас не го делам таквото мислење. Решив да ја посетам веб страницата на Министерството за енергетика за да видам какви нови чекори се преземаат. Пред една година министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека во јануари 2025 година ќе биде подготвена енергетска стратегија на РМ. Се обидов да најдам таков документ на веб страницата на Министерството, но до денес таков документ не е објавен. Дури не можев да ја најдам ниту последната стратегија од 2019 година. Неодамна е донесен нов Закон за енергетика на РМ, то е важен документ, но нема ништо од практична реализација на капитални инвестиции.

Во тек е расправа во Собранието за предлог буџетот на РМ за 2026 година, голем документ со 477 страници. Немам намера да го читам во детаљи, па решив да правам пребарување со клучни зборови како што се енергија, енергетика и енергетска. Не најдов ниту една позиција за капитална инвестиција во енергетиката. Има нешто за финансирање на енергетска ефикасност на јавни објекти, но тоа се симболични зафати во споредба со изградба на електроцентрали. Од друга страна, предвидени се големи инвестиции за делови од автопатишта и за железничка инфраструктура.

Заради потребата од производство на базна електрична енергија, уште еднаш да нагласам дека државата мора итно да почне со изградба на хидроелектраната Чебрен и најмалку две гасни когенеративни централи, и тоа најмалку со 51% сопственост на државата. Во прилог на ова тврдење е фактот што РМ годишно плаќа за увоз на електрична енергија повеќе милиони евра. На пример, во 2022 година тој износ беше околу 400 милиони евра. Па со толкави пари ние ќе изградевме електроцентрали за неколку години и без кредити.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје

Клучни зборови: