Рубрика: Биологија
Уметноста, музиката, танцот и видео игрите го подмладуваат мозокот
Објавено на 19.11.2025 - 16:15

Креативните луѓе имаат мозок којшто е пет до седум години помлад од нивната хронолошка возраст, а тие се и поефикасни. А ако се професионални креативци, уште подобро...

Една студија објавена неодамна во Nature Communications наоѓа врска помеѓу креативноста и возраста на мозокот. Според наодите, креативните луѓе имаат мозок којшто е помлад од нивната хронолошка возраст споредено со некреативните луѓе. „Ни недостасуваа биолошки докази за влијанието на креативноста врз мозокот. Со оваа студија, сакавме да ја пополниме оваа празнина со користење на мозочни часовници (brain clocks) за да разбереме дали креативноста може да го забави стареењето на мозокот“, објаснува Агустин Ибанес, еден од авторите.

Истражувачите анализирале примерок од 1472 возрасни лица од 13 различни земји; биле користени скенови од мозокот на 1240 луѓе за обука на моделите за машинско учење коишто се користеле за проценка на возраста на мозокот.

Останатите 232 учесника биле поделени во две групи врз основа на нивното креативно искуство. Првата група вклучувала експерти и аматери во танц, музика, визуелни уметности и видео игри; Втората група вклучувала луѓе кои издвоиле 30 часа за обука за да научат како да играат StarCraft II, видео игра со стратегија во реално време.

Моделите за машинско учење процениле дека експертите во секое уметничко поле имале многу помлада возраст на мозокот од нивната вистинска возраст. Притоа забележале дека колку креативното искуство е поголемо (мерено во години искуство или обука), толку е поголемо подмладувањето на мозокот. Во просек, експертите имале мозок којшто е помеѓу пет и седум години помлад од нивната вистинска возраст. Во втората група луѓе, оние кои научиле како да ја играат видео играта StarCraft II, јазот помеѓу нивната вистинска и проценета возраст бил минимален.

Покрај тоа што се помлади, мозоците на креативците биле и поефикасни. Особено во категоријата експерти, се покажало дека комуникацијата помеѓу различните мозочни области е покоординирана.

Важно е да се напомене дека студијата во никој случај не покажува причинско-последична врска помеѓу креативноста и побавното стареење на мозокот, туку корелација. Во истражувањето не биле земени предвид и други фактори – образованието на учесниците, начинот на живот, социоекономскиот статус или фактот што младите луѓе се посклони кон креативни активности – коишто може да влијаат врз возраста и здравјето на мозокот. Идните студии што вклучуваат други креативни области како што се пишување, глума или занаети би можеле да ги потврдат и прошират наодите.

Клучни зборови: