Опашот од ѕвезди во М61 укажува дека оваа галаксијата некогаш во минатото проголтала помала галаксија, оставајќи зад себе трага што и денес е сè уште видлива.
Неколку месеци по официјалното деби, опсерваторијата Вера Ц. Рубин (Vera C. Rubin Observatory) ги исполнува очекувањата за нов увид во видливата историја на Универзумот. Дури и пред официјалниот почеток на научните истражувања, џиновската камера поставена на врвот Ел Пењон во Чиле, направи тест слика што донесе едно неочекувано откритие. Река од ѕвезди што ‘извира’ од една добро позната галаксија беше видлива на сликата, знак дека таа галаксија мошне извесно некогаш во минатото проголтала и распарчила многу помал придружник.
„Ова е првиот ѕвезден проток откриен од Рубин“, објаснува Сара Пирсон, астрофизичар на Универзитетот во Копенхаген. „Тоа е само најава за тоа колку вакви структури очекуваме да откриеме.“ Откритието е опишано во Research Notes of the American Astronomical Society.
Галаксијата Месје 61 (M61) првпат е откриена во 1779 година, во јатото Девица (Virgo), и оттогаш е во фокусот на вниманието поради својата интензивна активност. Месје 61 е, всушност, галаксија на ‘ѕвездени експлозии’ ("starburst"), место на екстремно енергично формирање на ѕвезди и има произведено неколку супернови забележани од астрономите. Сместена во соѕвездието Девица, дел од јатото Девица, оваа галаксија е оддалечена приближно 50 – 55 милиони светлосни години од нашата. Нејзиниот пречник изнесува отприлика 100 000 светлосни години, големина споредлива со онаа на нашиот Млечен Пат.

Галаксијата M61 се карактеризира со долг ѕвезден опаш – остаток од џуџеста галаксија проголтана од M61. Слика: NSF–DOE Vera C. Rubin Observatory / NOIRLab / SLAC / AURA / A. Romanowsky et. al.Q (CC BY 4.0)
И покрај обемните набљудувања спроведени со најсовремени инструменти, тука вклучувајќи ги и вселенските телескопи Хабл и Џејмс Веб, „никој досега не ја забележал овој ѕвезден тек“, коментира Арон Романовски од Државниот универзитет во Сан Хозе, еден од авторите на студијата.
Внимателно анализирајќи ја првата слика на Рубин, добиена со помош на најголемата дигитална камера што била досега изградена, тимот примени филтри за да ја отстрани расеаната светлина и да ја истакне бледата трага. ‘Реката’ од ѕвезди се протега низ приближно 55 килопарсеци, отприлика околу 180 000 светлосни години, и е меѓу најдолгите досега измерени.
Се чини дека оваа “река од ѕвезди” потекнува од џуџеста галаксија што била растргната од гравитациската “плима и осека” на Месиер 61, настан што можеби го поттикнал интензивното формирање на ѕвезди забележливо во поголемата галаксија.
Интересно е што на оваа единствена тест-слика се присутни милиони галаксии, а овој труд е само дел од она што нѐ очекува. Во наредните години, камерата од опсерваторијата Рубин ќе собира светлина од редови на големина поголеми од кога било досега кај небесните објекти, обезбедувајќи невиден детален поглед што треба да открие како, каде и кога галаксиите се собираат и се трансформираат.
„Очекуваме дека речиси секоја галаксија е опкружена со вакви ‘реки’ – тие се составен дел од историјата на формирањето на галаксиите“, заклучува Романовски. „Рубин ќе ни овозможи да ги детектираме дури и кога тие се многу бледи, како што е случајот со М61.“