Истражувачката фирма Ипсос побарала од 9000 испитаници да слушаат две музички дела генерирани од вештачка интелигенција и едно музичко дело создадено од човек, како дел од студија спроведена за француската стриминг платформа Deezer.
„Деведесет и седум проценти од нив не беа во можност да ја разликуваат музиката создадена целосно од вештачка интелигенција од музика создадена од луѓе“, се вели во соопштението на Deezer.
Студијата била спроведена помеѓу 6 и 10 октомври во осум земји: Бразил, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Холандија и САД. Според Deezer, повеќе од половина од испитаниците се чувствувале непријатно бидејќи не можеле да ја препознаат разликата. Речиси половина од нив веруваат дека вештачката интелигенција може да им помогне да откријат нови песни, но се значително попесимистички настроени кога станува збор за последиците од музичката содржина генерирана од вештачка интелигенција.

Анкетарите, исто така, поставувале и прашања од поопшт карактер за влијанието на технологијата, при што се открило дека 51% од испитаниците веруваат дека тоа ќе придонесе повеќе музика со низок квалитет да биде достапна на стриминг платформите. Речиси две третини (64%) веруваат дека тоа ќе доведе до губиток на креативноста во музичката продукција.
„Резултатите од анкетата јасно покажуваат дека луѓето се грижат за музиката и сакаат да знаат дали слушаат песни создадени од вештачка интелигенција или од луѓе“, вели извршниот директор на Deezer, Алексис Лантерни.
Компанијата вели дека не само што забележала пораст на содржината генерирана од вештачка интелигенција на својата платформа, туку и дека таквата музика ја наоѓа својата публика. Овој проблем стана особено акутен во јуни, кога бендот наречен The Velvet Sundown одеднаш стана вирален на Spotify, само за следниот месец да биде откриено дека всушност станува збор за содржина генерирана од вештачка интелигенција. Најпопуларната песна на групата со вештачка интелигенција е стримувана повеќе од три милиони пати.
Spotify, кој самиот беше критикуван за недостаток на транспарентност во врска со употребата на вештачка интелигенција, во септември објави серија нови мерки за да ги охрабри уметниците и издавачите да бидат поотворени и јасно да ја означат употребата на вештачка интелигенција во музичката продукција.