Нејзиното име е Ева Мурати, и иако своето деби пред блескавите камери и обожавателите го имаше на црвениот тепих на последното издание на Филмскиот фестивал во Рим, таа не е вистинска личност. Ева е, всушност, првата италијанска актерка создадена целосно со помош на вештачка интелигенција – проект кој привлече големо внимание и покрена прашања за иднината на кино-индустријата.
Ева, со светла кожа, црвена коса и зелени очи, е протагонистка на краткиот филм „Последната слика“, во којшто таа ја игра главната улога. Нејзиното присуство на црвениот тепих го привлече вниманието на медиумите.
„Мило ми е што сум во Рим, во градот на Долчевита, омилениот филм на мојата баба“, изјави Ева. Оваа изјава е мошне интересна, бидејќи „бабата“ на Ева е исто така плод на имагинацијата како и самата Ева.
Експериментот не е замислен само како технолошка провокација, но и како своевидно видување за насоката кон каде светот на киното би можел напредува во наредните години.
Ева Мурати е „создадена“ од HAI (Human & Artificial Imagination), компанија основана од Франческо Грици, Франческо Пепе и Стефано Леони, со поддршка на EDI (Effetti Digitali Italiani), една од најпознатите европски компании во областа на визуелните ефекти.
„Ова е експеримент, начин да се покаже потенцијалот на вештачката интелигенција, но и да се истражат нови граници, а притоа никогаш да не се заборави човечката емоција зад секоја слика“, нагласуваат основачите на HAI.
Овој проект нема за цел да ги замени луѓето, туку да ја зголеми нивната креативност. Краткиот филм „Последната слика“ (The Last Image) е првиот италијански проект во кој вештачката интелигенција не само што го поддржува креативниот процес, туку ја следи и целата продукција, од пишување на сценариото, преку фотографијата, па сè до постпродукцијата.
Новиот начин на снимање со кој е изработен филмот „Последната слика“, во режија на Френки Карадоне и продуциран од Film Affair, е реализиран со учество на повеќе од 50 експерти, вклучувајќи сценаристи, режисери и техничари за визуелни ефекти, кои заедно со вештачката интелигенција работеле на создавањето на уникатен производ.
Според основачите на HAI, вештачката интелигенција се смета за нешто што ја зајакнува креативноста и ефикасноста, а не како замена за човечкиот труд. Нивната цел е да ја користат како алатка за постигнување подобри резултати во однос на квалитетот, буџетот и правата, без да се прави компромис со уметничкиот интегритет.
Ева Мурати би можела да биде само почеток на нова ера во филмот, во којашто вештачката интелигенција ќе игра сè поважна улога, како во креирањето содржини, така и во реинтерпретацијата на ѕвездите на иднината.
Влегувањето на Ева Мурати на филмската сцена неизбежно предизвика мешани реакции. Од една страна, има такви кои ентузијастички ја поздравуваат оваа нова креативна можност, а од друга страна, има такви кои се плашат дека употребата на вештачка интелигенција би можела да ја загрози улогата на актерите.
Неодамна, случајот со Тили Норвуд, „актерка“ создадена од вештачка интелигенција, предизвика жестока дебата, особено меѓу холивудските професионалци кои се загрижени за иднината на својот занает.
Додека од една страна, вештачката интелигенција ветува проширување на границите на креативноста, од друга страна, таа поставува етички и професионални прашања на коишто само времето може да даде одговор.
Она што е сигурно е дека Ева Мурати ќе остане запаметена како симбол на киното, кое, во својот континуиран развој, се соочува со нови технолошки и уметнички предизвици.