Рубрика: Медицина
Мелатонин: сојузник за сон или тивок непријател на срцето?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.11.2025 - 16:30

Со години, милиони луѓе ширум светот го земаат мелатонинот како наједноставен пат кон мирен сон. Во аптеките и маркетите тој се продава како безопасен додаток што го смирува умот и го подготвува телото за одмор. Но, едно ново истражување претставено на Научните сесии на Американската асоцијација за срце 2025 отвора едно непријатно прашање: дали навиката што многумина ја сметаат за безопасна може да го загрози најважниот мускул во телото – срцето?

Од сон до сомнеж

Истражувањето опфатило повеќе од 130 000 возрасни лица со дијагностицирана несоница. Половина од нив користеле мелатонин најмалку една година, а другата половина служеле како контролна група. Кога научниците ги споредиле резултатите, бројките биле шокантни: 90% поголем ризик од развој на срцева слабост, 3,5 пати поголема веројатност за хоспитализација, речиси двојно зголемена смртност во рок од пет години.

Мелатонинот се смета за природен и безбеден, па затоа беше изненадувачки да видиме толку сериозни последици,“ вели водечкиот истражувач Екенедиличукву Ннади.

 

 

Хормон со двојно лице

Мелатонинот е хормон што природно го создава епифизата во мозокот како регулатор на биолошкиот часовник. Синтетичките верзии, идентични на природниот хормон, во многу земји (вклучително и кај нас) се продаваат без рецепт како диететски додатоци. За разлика од лековите, нивната доза и чистота не се строго контролирани, што значи дека таблетата што ја зема еден човек може да биде сосема различна од онаа што ја зема друг.

Некои експерти, како Мари-Пјер Сент-Онж од Универзитетот Колумбија, предупредуваат дека мелатонинот воопшто не е одобрен за долготрајно лекување на несоницата.

 

Податоци што алармираат

Истражувањето користело огромна база на медицински податоци – TriNetX Global Research Network – и внимателно ги усогласило групите според возраст, пол, индекс на телесна маса, крвен притисок и други фактори. Дури и со вакво усогласување, разликите биле очигледни.

Ризикот од срцева слабост бил 90% поголем кај корисниците на мелатонин. Хоспитализациите поради срцева слабост биле 3,5 пати почести. Смртноста од сите причини била речиси двојно зголемена.

Овие бројки не се само статистика – тие претставуваат вистински животи, луѓе кои верувале дека прават нешто добро за своето здравје.

 

Што значи ова за нас како потенцијални корисници?

Научниците се сепак внимателни во толкувањето на резултатите. Според нив, оваа студија не докажува директна причинско-последична врска помеѓу мелатонинот и оштетување на срцето. Можно е луѓето кои земаат мелатонин да имаат и други здравствени проблеми – како потешка несоница, анксиозност или депресија – кои исто така го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања. Но, фактот дека врската е толку силна и конзистентна не може да се игнорира.

Дополнителен проблем е што мелатонинот се продава без рецепт, па многу корисници остануваат „невидливи“, односно нивните податоци никогаш не влегуваат во медицинските бази. Тоа значи дека вистинската слика можеби е уште посложена.

 

Дали е време за преиспитување

Мелатонинот долго време се сметаше за природен и безбеден начин што нуди мирен сон. Но, новите податоци покажуваат дека приказната можеби има и друга страна. Дали вреди да се ризикува срцето за неколку часа повеќе сон?

Истражувачите повикуваат на претпазливост. Мелатонинот може да најде место за употреба како помош во краткорочни ситуации – како при патувања со временски разлики – но неговата долготрајна употреба бара сериозно преиспитување.

Клучни зборови: