Рубрика: Екологија
Корали – Првиот климатски „tipping point“ на Земјата
Објавено на 15.10.2025 - 16:15

Научниците предупредуваат: планетата ја премина првата неповратна граница — смртта на тропските корални екосистеми е јасен знак дека времето за реакција одамна истече.

Коралот, дом на илјадници морски видови, стана и симбол на климатската криза. Научниците потврдуваат дека планетата го достигна својот прв голем климатски „tipping point“: масовно избелување и умирање на коралите низ океаните.

Повеќе не можеме да зборуваме за климатски пресвртни точки како за нешто што допрва ќе се случи“, вели д-р Стив Смит од Универзитетот во Ексетер. Извештајот анализира ризик од околу дваесет критични климатски граници, вклучувајќи топење на ледени плочи, пораст на морското ниво и уништување на Амазонската прашума. Сега е јасно дека кулминацијата за коралите веќе се случила.

Во последните две години, глобалните температури на океаните достигнаа рекордни нивоа, предизвикувајќи четврти глобален настан на корално избелување. Истражувачите проценуваат дека над 84% од коралните екосистеми на планетата се погодени.

Коралите живеат во симбиоза со микроскопски алги што им даваат боја и хранливи материи. Кога водата се загрева, коралот ги исфрла алгите и избелува. Д-р Мајкл Студиван од Универзитетот во Мајами предупредува: „Периодите на закрепнување повеќе не постојат, тоа е главниот проблем.

Судбината на коралите е само почетокот. Ако тенденцијата продолжи, слични неповратни промени ќе го погодат ледот на Гренланд и Антарктикот, Амазонската прашума и монсунските циклуси. Овие промени не се постепени — тие се ненадејни и неповратни.

Извештајот, сепак, нуди и можности: потенцијални позитивни пресвртници во општеството, како забрзано прифаќање на чиста енергија и декарбонизација.

Парискиот договор од 2015 година се обврза на ограничување на глобалната температура на 1,5 °C над прединдустриското ниво, но оваа граница може да биде пробиена во следните години. Дури и ако се стабилизира, коралите ќе продолжат да умираат; за нивно опстојување, планетата треба да се олади кон 1 °C преку масовно отстранување на јаглерод диоксид.

Д-р Манјана Милкореит од Универзитетот во Осло додава: „Имаме знаење, но ни недостасува управување што одговара на природата на предизвикот.

Океаните реагираат за неколку месеци, а човечките институции се движат со децении. Извештајот е не само научна анализа, туку и морално огледало за човештвото.  Коралите умираат — тоа е неповратен факт и аларм за глобалната клима. Прашaњето што останува е: кој систем ќе биде следен и дали ќе се разбудиме навреме.

Извор Nature

Клучни зборови: