Иако некои претходни студии со снимки од мозокот укажуваат на можна врска помеѓу шизофренијата и абнормалните нивоа на железо и миелин во мозокот, резултатите собрани досега се спротивставени.
Шизофренијата е тешко и исцрпувачко психијатриско нарушување кое се карактеризира со халуцинации, неорганизирани обрасци на говор и размислување, лажни верувања за светот или за себе, тешкотии во концентрацијата и други симптоми што влијаат на секојдневното функционирање на луѓето. Иако шизофренијата е тема на бројни истражувачки студии, нејзините биолошки и невронски основи сè уште не се целосно разјаснети.
Железото е метал за кој е познато дека придонесува за здрава функција на мозокот, додека миелинот е масна супстанција која формира обвивка околу нервните влакна, заштитувајќи ги и поддржувајќи го нивното спроведување на електрични сигнали.
Истражувачите на Кингс колеџот во Лондон, болницата Хамерсмит и Империјал колеџот во Лондон неодамна решија подлабоко да ја истражат можноста дека шизофренијата е поврзана со абнормални нивоа на железо и миелин во мозокот. Нивните наоди, објавени во Молекуларна психијатрија, открија потенцијални нови биомаркери за шизофренија кои би можеле да го подобрат разбирањето на нејзините основни мозочни механизми.
„Железото е од суштинско значење за многу од невронските процеси, но вишокот предизвикува оксидативно оштетување, па затоа нивоата во мозокот се одржуваат во деликатна рамнотежа“, вели д-р Лук Џ. Вано, прв автор на трудот. „Студиите на снимки од магнетна резонанца чувствителни на железо, со фокус на шизофренијата, дадоа спротивставени резултати, со пријавени и зголемувања и намалувања. Бидејќи миелинот – кој го зголемува преносот на мозочните сигнали – влијае на снимањето со магнетна резонанца чувствителна на железо, варијацијата на миелинот може да го комплицира толкувањето.“
Како дел од нивната студија, д-р Вано и неговите колеги ги испитале мозоците на 85 лица дијагностицирани со шизофренија и 86 соодветни контролни субјекти. За да ги проучат мозоците на учесниците во студијата, тие користеле магнетна резонанца (MRI) чувствителна на железо и на миелин, техники на снимање кои им овозможуваат на истражувачите да ги детектираат нивоата на железо и на миелин во специфични региони од мозокот.
„Ги скениравме пациентите со шизофренија и споредените контролни лица користејќи квантитативно мапирање на подложност (quantitative susceptibility mapping – QSM) за да ја измериме магнетната подложност (се зголемува со железо и се намалува со миелин) и дифузна MRI, за да ја пресметаме средната дифузивност и анизотропија на магнетната подложност (кои се намалуваат и се зголемуваат со миелин, соодветно)“, објаснува д-р Вано. „Ги споредивме овие мерки за да провериме дали промените во железото или миелинот се причина за разликите кај пациентите во магнетната подложност и ги поврзавме регионалните обрасци со постморталните мапи на генска експресија за да идентификуваме потенцијални придонеси од типот на клетки.“
Со употреба на овие експериментални техники, резултатите на истражувачите укажале на аномалии на железото и на миелинот кои влијаат на специфични региони во мозокот кај лицата со дијагностицирана шизофренија, вклучувајќи ги регионите на базалните ганглии globus pallidus, putamen и nucleus caudatus. Нивните наоди се во склад со оние од некои претходни студии и би можеле да помогнат во формирање на појасна слика за патофизиологијата на болеста.
„Откривме дека пациентите со шизофренија имале помала магнетна подложност, повисока средна дифузивност и помала анизотропија на магнетна подложност, што укажува дека нивоата на железо и на миелин во мозокот се пониски кај шизофренијата“, рече д-р Вано. „Ова беше најзабележливо во регионите богати со олигодендроцити. Бидејќи олигодендроцитите користат железо за синтеза на миелин, ова ја поврзува дисфункцијата на олигодендроцитите со шизофренијата, истакнувајќи го механизмот што лежи во основата на ова како важна област на истражување.“
Неодамнешната работа на д-р Вано и неговите колеги би можела да отвори пат кон понатамошни истражувања за тоа како недостатоците на железо и миелин би можеле да играат улога во различните симптоми на шизофренија. Во иднина, таа би можела потенцијално да придонесе и за развој на алтернативни третмани за нарушувањето, кои, на пример, би можеле да го промовираат обновувањето на миелинот или да се обидат да ги зголемат нивоата на железо.
Тимот планира да ги проучи истите маркери и кај луѓето со биполарно растројство и кај оние со ризик од развој на шизофренија, при што ќе се проследи и одговорот на пациентите на психијатриските терапии.
Преглед на хипотезите на тимот. Истражувачите ја комбинираа магнетната сусептибилност (се зголемува со железо, се намалува со миелин) со средна дифузивност (повисоки вредности = помалку миелин) и анизотропија на сусептибилност (повисоки вредности = повеќе миелин) за да тестираат дали пониската магнетна сусептибилност кај шизофренијата одразува вишок миелин (хипотеза 1) или губење на железо (хипотеза 2). Слика: д-р Лук Вано и проф. Оливер Хауз.