Кога ќе се спомне Лесковац прва асоцијација за нас е... па скара! А, потоа можеби на далечно второ место оној интересен јужносрбијански говор, секако не вештачка интелигенција и четботи :) Но, работите може и да се променат. Една српска инженерка за вештачка интелигенција си поставила за задача да го заштити споменатиот дијалект...
Идејата за заштита на призренско-тимочкиот дијалект од заборав со помош на вештачка интелигенција потекнува од Милена Шовиќ, инженерка за вештачка интелигенција која живее во Америка веќе девет години. Таа пристигнала во Србија од Чикаго за да го презентира својот проект на дводневната Меѓународна конференција за вештачка интелигенција, која се одржува во Српската академија на науките и уметностите (САНУ). Како што истакнала Милена, идејата постои во нејзината глава повеќе од 30 години – некако да го стандардизира и дигитализира призренско-тимочкиот дијалект што таа го користи како жена родум од Ниш, за тој дијалект да биде повеќе застапен во говорот.
„Кога почнав да работам на вештачка интелигенција, видов дека тоа е технологија што може да помогне“, истакнува Милена.
“Лесковачкиот четбот”, кој во својата интеракција користи јужносрбијански говор, беше претставен вчера. А во подготовка се и речник и детална граматика што би му помогнале на четботот на со лесковачкиот дијалект
„Во моментов се развива детален речник и граматика кои ќе бидат достапни онлајн и ќе бидат целосно бесплатни. Ако напишете збор на стандарден српски јазик, ќе добиете [соодветен] збор од дијалектот. Тој речник ќе се користи за понатамошно тренирање на ботот“, вели Милена.
Како основа за овој дијалект биле користени кратки раскази и анегдоти напишани од луѓе за кои овој дијалект претставува мајчин говор, а исто така биле изготвени и збир основни граматички правила за моделот постојано да ги следи дијалектните обрасци.
„Овие кратки раскази и анегдоти се напишани од жителите на Лесковац и се целосно автентични. Јас ја направив граматиката, што беше тешко бидејќи не сум лингвист, туку инженер. Ова претставуваше предизвик и ми беше потребна помош од жителите на Лесковац. Секој чет-бот беше рачно потврден“, открива Милена.
Авторката веќе има искуство во креирање речници, како креатор на првиот српско-англиски математички речник. Првиот четбот што таа го има создадено бил посветен на Никола Тесла и тој веќе се употребува во наставата во неколку основни и средни училишта во Србија, а станал и дел од постојаната изложба на Музејот на наука и техника во Белград. Милена, исто така, има креирано и четбот посветен на Бранислав Нушиќ, кој комуницира исклучиво на српски јазик и е дизајниран верно да го одрази стилот на пишување на познатиот сатиричар.
Според Милена Шовиќ овие четботови се само дел од поголем проект, бидејќи идејата е да се создадат четботови на сите познати личности од српските простори, што ќе биде многу важно за децата во училиште во нивното учење. Таа истакнува дека во Америка четботовите се користат многу не само во секојдневниот живот, туку уште повеќе во бизнисот.