Рубрика: Информатика
OPENAI ветува поголема контрола за носителите на авторски права при користењето на SORA 2
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 10.10.2025 - 11:00

OpenAI, компанијата зад најпознатата алатка за вештачка интелигенција – четботот ChatGPT, но и апликацијата за генерирање видеосодржини Sora 2, најавува дека ќе соработува со носителите на авторски права со цел да го „блокира генерирањето ликови по нивно барање“.

OpenAI ветува дека ќе им даде на носителите на авторски права „погрануларна контрола“ врз генерирањето ликови откако нивната нова апликација, Sora 2 произведе безброј видеа со ликови заштитени со авторски права.

Sora 2, алатка за генерирање видеа управувана од вештачка интелигенција, беше лансирана минатата недела, а неколкумина од нив добија можност да ја испробаат новата верзија. Апликацијата им овозможува на корисниците да генерираат кратки видеа врз основа на текстуален промпт (барање). Интернетот набрзо беше преплавен со содржина генерирана од Sora 2, со некои особено впечатливи прикази на ликови кои се заштитени со авторски права – Сунѓер Боб Пантолоновски, Саут Парк, Покемон, Рик и Морти...

Волстрит џурнал минатата недела објави дека пред OpenAI да го лансира Sora 2, компанијата дала предупредување до агенциите за таленти и до студијата дека ако не сакаат нивниот материјал заштитен со авторски права да биде реплициран од видео генераторот, дека тие мора да го блокираат неговото користење.

Претставниците на OpenAI изјавија за Гардијан дека сопствениците на содржини можат да пријават повреда на авторски права користејќи „формулар за спор за авторски права“, но дека индивидуалните уметници или студија нема да имаат општа опција за откажување.

Ќе соработуваме со носителите на права за да го блокираме генерирањето на индивидуални ликови од страна на Sora на нивно барање и да одговориме на барањата за отстранување“, изјавил Варун Шети, раководител на односите со медиумите на OpenAI.

Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, во блог пост објави дека компанијата „добива повратни информации“ од корисниците, од носителите на авторски права и од други групи и дека како резултат на тоа ќе бидат направени промени во Sora. Носителите на права, истакна тој, ќе добијат поголема и „погрануларна контрола“ врз генерирањето ликови, слично на тоа како што луѓето можат да изберат да го споделат својот лик во апликација, но со „дополнителни контроли“.

Слушаме од многу носители на авторски права кои се мошне возбудени за овој нов вид „интерактивна фанфикција“ и сметаат дека овој нов вид ангажман ќе им донесе многу вредност, но тие сакаат можност да специфицираат како можат да се користат нивните ликови (вклучувајќи ја и опцијата тие воопшто да не се користат)“, вели Алтман.

Алтман објасни дека OpenAI ќе „им овозможи на носителите на права да изберат една од опциите и дека ќе се случат и некои „гранични случаи на генерирање“ кои ќе поминат низ заштитата на платформата, а не треба.

Тој рече дека компанијата исто така „треба некако да заработи пари“ од генерирање видеосодржина и дека платформата веќе забележува дека луѓето генерираат многу повеќе содржина од очекуваното по корисник. Тоа би можело да отвори, рече тој, простор за плаќање на носителите на авторски права за услугата на генерирање ликови.

Ќе стигнеме до финалната верзија на моделот преку обиди и грешки, но планираме да го лансираме мошне бргу. Се надеваме дека новиот вид ангажман ќе има поголема вредност отколку приходи, но секако сакаме обете да донесат вредност“, прецизираше Алтман.

Тој најави големи промени, налик на оние веќе видени кај раните фази на ChatGPT, со можност за „добри одлуки, но и погрешни чекори“.

Клучни зборови: