Австралиски и американски истражувачи дизајнираа аналогно компјутерско коло кое користи радио и микробранови сигнали за реализација на обемни пресметки, а притоа троши помалку енергија од конвенционалната дигитална електроника.
„За разлика од квантните системи, кои се соочуваат со големи предизвици во скалабилноста и стабилноста, нашата платформа за аналоген компјутинг е изводлива денес и способна да испорача апликации во реалниот свет многу порано“, вели д-р Расул Кешаварц од Лабораторијата за радиофреквенции и комуникациски технологии (RFCT) на австралискиот Технолошки универзитет во Сиднеј (UTS).
Овој пробив отвора пат кон аналогни радиофреквентни и микробранови процесори од следната генерација што може да се применат кај радари, во напредните комуникации, кај сензорите и вселенските технологии кои имаат потреба од операции во реално време. Новите откритија се објавени во труд во Nature Communications.
„Ги споивме физиката и електрониката за да го дизајнираме првото програмабилно микробраново интегрирано коло кое може да извршува матрични трансформации, вид математичка операција којашто се наоѓа во основата на современите технологии“, додава Мохамад-Али Мири, вонреден професор на Технолошкиот институт Рочестер, САД.
Матрицата претставува мрежа од броеви. Матричните трансформации се еден вид математичка функција што менува еден сет на податоци, или матрица, во друг.
Аналогниот компјутинг ги обработува информациите користејќи континуирани сигнали како електромагнетни бранови, што овозможува голем број на пресметки да се одвиваат паралелно и притоа да се троши далеку помала енергија отколку при употребата на дигитален компјутинг.
Ултрабрзите аналогни процесори би можеле да напојуваат компјутерски системи од следната генерација, вклучувајќи безжични мрежи, радари и сензори во реално време, да се употребуваат за мониторинг во рударството и земјоделството, како и кај нови алатки за научни истражувања.
Според истражувачите нивната студија би можела да биде знак за почеток на една поширока истражувачка траекторија. Веќе се подготвуваат дополнителни студии за проширување на технологијата кон практични архитектури на системско ниво, што ќе овозможи компјутингот да ги надмине дигиталните ограничувања.