Рубрика: Екологија
Нивото на Преспанско Езеро продолжува да соборува антирекорди
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 17.09.2025 - 22:45

За прв пат откако се вршат мерењата е пробиена психолошката граница од 841 m надморска висина - денеска е веќе 840,97 m, односно на кота -663 cm под референтното ниво од 847,60 m н.в.

Моменталното ниво е уште отсега, во средината на септември, дури 19 cm пониско од ланскиот и историски минимум. До декември има уште долг пат да се изоди и прогнозата останува за кота -690 cm.

Веќе две години езерото губи по 50-ина сантиметри годишно од нивото, односно околу 125 милиони кубни метри вода. Денеска, на пример, е цели 55 сантиметри пониско од истиот ден минатата година.

Друг пат ќе ги видиме пресметките и за вкупниот волумен на водата и просечната длабочина, но ориентационо таа изнесува се на се околу 8 m, иако поголемиот дел од дното е на длабочина од околу 9,5 m.

Нема никакво наговестување за забавување на надолниот тренд, туку напротив.

Клучни зборови: