“Снимен драматичен момент од човечкиот развој: момент кога ембрионот се “вгнездува” во матката” — ова е насловот на новата студија објавена во Science Advances, во која научниците од Институтот за биоинженерство на Каталонија (IBEC) во Барселона, Шпанија, успеаа да снимат видео кое ја прикажува критичната фаза на имплантација на човечки ембрион.
Заради природната непристапност на процесот којшто се одвива длабоко во мајчиното тело, истражувачите создале синтетичка реплика на матката. Потоа ембрион стар околу 9-дена бил поставен бочно во гелот богат со колаген и материјал што е неопходен за ембрионалниот развој, што треба да овозможи ембрионот да се вгради на начин сличен на природниот.
Со помош на микроскоп биле добиени слики снимени на секои 20 минути во текот на 16–24 часа, а потоа биле споени во едно континуирано видео. При вгнездувањето, ембрионот буквално се „заковува“ во гелот, влечејќи го материјалот надолу за да се “вметне” – “со сила”, како што сведочи првичната реакција на истражувачката Амели Годо: „Мојата прва реакција беше да помислам дека нешто се случило со микроскопот и дека сликите се поместиле“.
Импресивно е што човечкиот ембрион всушност се вградува во „матката“, додека кај глувчињата е обратното — нивните ембриони вообичаено само се задржуваат на површината, без инвазивна вградба. Ова укажува на фундаментална разлика во начинот на имплантација помеѓу човечкиот и глувачкиот развој.
Зошто е ова важно? Овој експеримент претставува пробив во изучувањето на имплантацијата, која е клучна фаза во човечката репродукција, но е многу тешка за директно набљудување. Снимањето на реално време со висока резолуција овозможува многу подлабоко влијание врз разбирањето на процесот, што ветува напредок и во репродуктивната медицина и евентуално во решавањето на низа предизвици во поглед на неплодноста.
Извор Nature