Рубрика: Енергетика
Климатизацијата стана политичко прашање во Европа
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 15.08.2025 - 19:00

Поради топлинските бранови се појави еден голем проблем, не само во Јужна Европа, туку и во Средна Европа и во континенталниот дел. Во Франција, Германија и Обединетото Кралство последниве недели се води јавна дебата меѓу политичките партии дали треба или не да се климатизираат јавните објекти бидејќи нема нормални услови за работи заради топлинските бранови, кои стануваат сè поинтензивни и сè почести...

Како последица од климатските промени ова лето во месеците јуни и јули имаше топлински бранови со рекордно високи температури, а овие денови гледаме дојде нов топлински бран и во август. Ова се однесува за цела Јужна Европа, а најмногу за медитеранскиот дел, вклучувајќи ја и Република Македонија (РМ). Заради предизвиканите суши имаше и повторно има големи шумски пожари, намалени приноси во земјоделството, зголемување на цените на храната итн. Но, најштетното влијание е она врз здравјето и животот на населението. Од високите температури загрозени се сите, а најмногу хронично болните и старите лица, како и малите деца. Бројот на починати луѓе од големите горештини е сé поголем и изнесува повеќе илјади.

Поради топлинските бранови се појави еден голем проблем, не само во Јужна Европа, туку и во Средна Европа и во континенталниот дел. Тоа е температурата на воздухот во просториите, вклучувајќи ги и канцелариите. Таа е толку висока така што луѓето немаат нормални услови за работа, па продуктивноста е драстично намалена. Наставата во голем број училишта во Франција беше прекината, што ретко се случува. Потребите за ладење (климатизација) на воздухот стануваат сè поголеми и сè почести. За климатизација на домовите и на зградите на приватните компании одлучуваат нивните корисници и/или сопственици. Но, за работните простории на државните и другите јавни објекти (министерства, институти, болници, училишта и др.) одлучува државата и локалната самоуправа.

Познато е дека во САД сите јавни и комерцијални објекти се климатизирани, дури и училиштата. Повеќе од 90% од домаќинствата имаат инсталирано клима уреди. Во европските земји, особено во континенталниот дел, не е така. Во минатото имам патувано во повеќе европски земји, а најчесто во Германија. Пред околу 30 години на фасадите во таа земја немаше клима уреди (сплит системи), а пред десетина години веќе почна постепено нивната употреба и таму. Веројатно во некои специфични објекти имаат централни системи за греење и вентилација, но ретко и ладење.

Во Франција, Германија и Обединетото Кралство последниве недели се води јавна дебата меѓу политичките партии дали треба или не да се климатизираат јавните објекти бидејќи нема нормални услови за работи заради топлинските бранови, кои стануваат сè поинтензивни и сè почести. Партиите од десницата бараат инсталирање на системи за климатизација во сите државни (јавни) објекти, а најгласна е лидерката на крајната десница во Франција Марин Ле Пен. Таа вели дека „климатизацијата спасува животи“ и дека во Франција има проблеми ако “јавните служби не се во можност да функционираат поради недостаток на климатизација, за разлика од десетици земји низ светот“.

Партиите од левицата се против тоа барање и предлагаат евентуално инсталирање само во некои специјални случаи, како на пример во старски домови. Тие изјавуваат дека системите за климатизација трошат електрична енергија која делумно се произведува со согорување на фосилни горива со што се зголемуваат емисиите на јаглерод-диоксид, а со тоа и глобалното затоплување. Тие сугерираат овој проблем да се решава со повеќе зеленило во градовите, зголемување на енергетската ефикасност на зградите, ролетни на прозорците и слични мерки, а не со системи за климатизација.

Кога станува збор за климатизација на просториите треба да се зема предвид ЕУ Директивата за енергетска карактеристика на зградите со која се пропишуваат минимални барања што треба да бидат исполнети со цел помала потрошувачка на енергија во зградите. Во овој документ се опфатени топлинските карактеристики на ѕидовите, прозорците, но и системите за греење и климатизација. Притоа, воведена е класификација на зградите така што оние со класа А+ трошат најмалку енергија за греење и ладење и кај нив потребата за климатизација е многу ретка; освен во случаи кога има екстремно високи темеператури како што се појавија во ова и неколку претходни лета. Но, оваа директива се спроведува од пред неколку години при изградба на нови згради така што огромниот број стари згради имаат потреба од климатизација преку лето.

Во РМ е донесен Правилник за енергетска карактеристика на зградите, всушност направена е сообразност со ЕУ Директивата. При изградба на нови згради треба да се почитува, но како и колку се спроведува во пракса оваа директива немам информации.

Во светот денес има тренд на енергетска транзиција при што, заради климатските промени, од фосилни горива се преминува на користење на обновливи извори за производство на електрична енергија. Од друга страна, користењето на електрична енергија се зголемува заради употреба во системите за греење со топлински пумпи (наместо гас и нафта), заради полнење на електрични возила, за центрите за податоци (односно вештачка интелегенција), а еве го и најновиот тренд за зголемување на потребите за климатизација.

Во РМ последниве години има тренд на купување на клима уреди инвертер за греење на просториите во грејната сезона. Ова го поттикнува и државата давајќи субвенции на населението со ниски примања, а со цел да се избегнува греење со огревно дрво кое го загадува воздухот. Но, тие клима уреди се добродојдени за летната сезона бидејќи може да се користат и за ладење. Од друга страна, очекувано е тоа да предизвика зголемување на потрошувачката на електрична енергија во летниот период и во РМ.

Кога станува збор за климатизација (ладење) на простории, во јавноста најчесто се мисли на индивидуални клима уреди (сплит системи). Би сакал да наведам дека постојат разни системи за климатизација за повеќе простории во некоја зграда (куќа) каде се употребува централен систем, но просторот во овој напис е ограничен, па повеќе детали ќе наведам во некоја друга прилика.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје
14.8.2025