Персеидите се еден од најблескавите метеорски дождови во годината и се случува секоја година во периодот од 9 до 13 август. Овој метеорски дожд всушност претставува остаток од кометата Свифт-Татл, а е именуван по соѕвездието Персеј. Имено, привидната насока од којашто метеорскиот дожд се чини дека паѓа – т.н. радијант, се поклопува со местото каде го лоцираме соѕвездието Персеј на ноќното небо, во правецот на североисточниот дел од небото на Северната хемисфера.
Иако во текот на годината небото го осветлуваат повеќе метеорски дождови, Персеидите се мошне популарни за набљудување меѓу астрономите-аматери поради тоа што при нивниот врв на темното ноќно небо можат да се забележат и до 100 метеори во текот на еден час.
Како што веќе напоменавме Персеидите се видливи исклучиво од Северната хемисфера. Пикот на метеорскиот дожд, беше ноќта помеѓу 12 и 13 август. Годинава условите за набљудување се далеку од идеални со оглед на тоа што имаме речиси полна Месечина, но упорните можеби и ќе фатат некој посилен метеорски траг.
Метеорскиот дожд во помал интензитет ќе биде видлив и во наредните неколку дена. Доколку планирате да го набљудувате овој метеорски дожд, побарајте го на потег помеѓу радијантот (североисточниот дел на небото) и зенитот (точката во небото директно над вас). Нема потреба од некои особени астрономски пресметки.