''Главни ударни вести кај нас веќе подолго време се пожарите во Македонија. НАСА има подготвено мапа на пожари на која се гледа дека огромен број шумски пожари има во Јужна Европа – Турција, Грција, Бугарија, Албанија, Италија, Шпанија, Црна Гора ... и тоа пропорционално во поголем обем отколку во Македонија. Втора ударна вест во јавните медиуми е дека САД и ЕУ постигнаа договор со кој се воведуваат царини од 15% за европскиот извоз во САД, а за американскиот извоз во Европа царинската стапка ќе биде 0%. Ќе се прашате каква врска има оваа тема со претходната за пожарите? Има и тоа многу голема...''
Главни ударни вести кај нас веќе подолго време се пожарите во Македонија. Еве, на пример, соопштение на Центарот за управување со кризи (ЦУК): “За едно деноноќие, од 27 до 28 јули 2025, ЦУК регистрирал вкупно 51 пожар, од кои 8 се активни, 7 се ставени под контрола, а 36 се изгаснати“. Најзагрозени се подрачјата со густа шума и непристапен терен, каде гаснењето бара дополнителни ресурси и човечки капацитети. Ангажирани се сите расположливи сили – пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери, авиони, теренски возила, доброволци – сите вложуваат натчовечки напори.
НАСА има подготвено мапа на пожари на која се гледа дека огромен број шумски пожари има во Јужна Европа во следниве земји: Турција, Грција, Бугарија, Албанија, Италија, Шпанија, Црна Гора ... и тоа пропорционално во поголем обем отколку во Македонија. Има жртви, има уништени куќи, фабрики, манастири и илјадници хектари шуми. Температурата на воздухот надминува 40°С во сите овие земји, а во Турција се измерени 50,5°С. Но, не се во прашање само материјалните штети од пожарите. Високите температури во јуни и особено во јули се причина за влошување на здравјето на населението, а според извештајот на Институтот за глобално здравје во Барселона повеќе од 45 000 луѓе починале во Јужна Европа.
Втора ударна вест во јавните медиуми е дека САД и Европската Унија (ЕУ) постигнаа договор со кој се воведуваат царини од 15% за европскиот извоз во САД, а за американскиот извоз во Европа царинската стапка ќе биде 0%. ЕУ се обврзува да купува енергија (нафта и гас) во вредност од 750 милијарди долари, да реализира 600 милијарди долари дополнителни инвестиции во САД и да купува „огромно количество“американска воена опрема. Очигледно е дека ова е асиметричен договор на штета на ЕУ, а веројатно тоа е резултат на заканите на Трамп дека ќе воведе царини од 50%. Да потсетам на една негова претходна изјава, цитирам: “Политички лидери од други земји ми го бакнуваат газот, тие молат за да преговараат за царини“.
Инаку, веднаш по потпишувањето на овој договор, многу европски политички лидери го критикуваа, особено поради фактот што ЕУ е ставена во понижувачка улога.
Ќе се прашате каква врска има оваа тема со претходната за пожарите. Има и тоа многу голема, а тоа е што на средбата на Доналд Трамп со Урсула фон дер Лаен воопшто не е разговарано за главниот светски проблем – климатските промени. Масовните шумски пожари се една од последиците на непреземањето соодветни мерки против климатските промени каде “орото го водат“ САД.
Познато е дека уште од првиот ден од неговиот мандат, Трамп даде наредба за повлекување на САД од Парискиот договор за климатски промени со образложение дека е штетен за економските интереси на државата. Факти: САД имаат најголеми емисии на СО2 по жител; САД се најголеми производители на нафта и гас во светот, а тоа се фосилни горива. При нивното согорување се ослободува СО2. Овие факти требаше да бидат аргументи за фон дер Лаен да се спротистави на супериорниот став на Трамп, и притоа ќе имаше поддршка од сите земји во светот бидејќи се работи за опстанок на планетата Земја.
Бидејќи климатските промени постојано се интензивираат, трендот на зголемување на температурите продолжува, а констатирано е дека Европскиот континент се затоплува најбргу во споредба со другите делови на светот со што населението ќе се соочува со големи здравствени ризици што произлегуваат од интензивните топлински бранови.
Јужна Европа е во пламен, а Урсула фон дер Лаен не го ни спомна проблемот со климатските промени на средбата со Доналд Трамп! За овој случај важи малку модифицирана поговорка: СЕЛО ГОРИ, БАБА УРСУЛА СЕ ЧЕШЛА.
Да напомнам дека во последниот извештај на ЕУ за Република Македонија има неколку забелешки (критики) дека не ги исполнуваме добро активностите околу борбата со климатските промени. Најверојатно од следната (2026) година под притисок на ЕУ ќе воведеме плаќање на јаглероден данок за нашите компании во индустријата. А во разговорите со Трамп ниту збор за климатските промени иако САД не го почитуваат Парискиот договор, а имаат четири пати поголеми емисии на СО2 по жител во споредба со Македонија.
И уште еден пример каде што Доналд Трамп успеа да се наметне со своите ставови, односно интереси. Под негов притисок, НАТО донесе одлука секоја земја членка да одвојува 5% од БДП за потребите во врска со оваа воена организација. Притоа најголем дел треба да се однесува на вложување во нова воена опрема.
Познато е дека САД се најголемите производители и извозници на воено оружје, а по нив се и земјите со висока демократија: Германија, Франција, Обединетото Кралство и други. А за да се троши тоа оружје треба да има воени жаришта. И бидете сигурни дека ќе ги има, особено во земји каде што има извори на нафта, гас и разни стратешки суровини (литиум, бакар, ураниум и друго).
Македонија како членка на НАТО исто така има обврска да троши 5% од својот БДП за воени потреби поврзани со оваа воена организација, а за наука одвојува околу 0,3%. Е па вака не се оди напред!
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје
31.07.2025