Во САД секоја година против грип се вакцинира приближно половина од населението – 45-50% од возрасните и 50-55% од децата. Во Македонија, нешто над 3% од вкупното население се вакцинирало против грип во сезоната 2023/2024.
Сте се запрашале ли некогаш колкава е ефективноста на вакцината за грип против инфекција, против хоспитализација (да спречи одење во болница поради влошување на состојбата) или против смртен исход од компликации предизвикани од грип?
Според американската агенција за контрола и превенција на болести (CDC), последната вакцина од сезоната 2024/2025 го намалила ризикот од инфекција за 32-60%, а ризикот од хоспитализација за 41-78%. Не е 100%, далеку од идеално, ама подобро е од ништо. Се разбира, ако навистина е така. Но, дали е така?
Во април излезе препринт на студија од Клиниката во Кливленд, САД, во која буквално сите вработени (53402 вработени од кои 82% вакцинирани против грип) биле следени од октомври 2024 до април 2025.
Истражувачите ја исцртале кумулативната стапка на заболени од грип за вакцинираните и невакцинираните и добиле неочекуван резултат. Вакцинираните имале 27% повисока стапка на инфекции со грип од невакцинираните. Статистички значајна разлика. Со други зборови, вакцината го зголемила ризикот од заболување со грип.
Да бидеме фер, има и критики од биостатистичари дека двете групи не биле соодветно корегирани по две променливи што се однесуваат на тестирањето. Ќе видиме во конечната рецензирана верзија на трудот како е адресирано ова прашање, но и најиздржаната критика вели дека во најдобар случај, вакцината против грип за сезоната 24/25 би била со -1,6% ефективност.
Се поставува прашањето, кој е поблиску до вистината - CDC или истражувачите од Клиниката во Кливленд?
Како и да е, ако не го намалува ризикот од инфекција со грип, зошто некој би се вакцинирал со неефективна вакцина?
Еве зошто: го намалува ризикот од хоспитализација!
Дефинитивно никој не сака да се лекува во болница поради можни компликации од грип и овој аргумент е цврст како карпа. Ако вакцината против грип нуди макар 30% (статистички значајна) заштита од хоспитализација, тоа е подобро од ништо. Како што покажавме погоре, американската CDC пресметала дека за сезоната 2024/2025, вакцинираните против грип имале 41-78% помала стапка на хоспитализација од невакцинираните. Но, со оглед на фактот дека истражувачите од Кливленд клиниката откриле негативна или во најдобар случај нулта ефективност против инфекција, проценките на CDC мора да се земат со резерва.
Да разгледаме што нашле други студии за тоа колку вакцините за грип штителе од хоспитализација низ годините.
Студијата на американската CDC за сезоната 2021/2022
Во 2022, CDC објави сопствена студија за ефективноста на вакцината за грип за сезоната 2021/2022 против хоспитализација. Користејќи го дизајнот со негативен тест и корегирајќи ги резултатите по низа таканаречени конфаундинг фактори (календарско време, место на вакцинација, возраст, пол, раса и етничка припадност), добиените резултати се неочекувани и мошне разочарувачки. Токму најранливата категорија, возрасните постари од 65 години немале никаква заштита од одење во болница поради компликации од грипот. Вакцината потфрлила и за оние помеѓу 18 и 64 години (нема статистички значајна разлика со невакцинираните), освен за подгрупата без имунокомпромитирачки состојби.
Студијата на американското министерство за ветерани за сезоната 2022/2023
Претходната студија беше за сезоната 2021/2022, во време кога вирусот SARS-CoV-2 беше доминантен насекаде. Има ли податоци за следната сезона кога грипот се врати на голема врата? За среќа, има. Американски истражувачи објавија студија во 2023 користејќи податоци од податочните бази на Министерството за ветерани на САД во која направија споредба на ризиците од смртен исход за хоспитализирани ветерани од ковид и грип за сезоната 2022/2023. Во збирната табела се прикажани голем број податоци. На пример, може да се види дека хоспитализираните биле прилично возрасни (средна возраст над 73 години). За нашата анализа, најважен е фактот дека се дадени податоци за процентот на хоспитализирани од грип што примиле вакцина за грип и процентот на хоспитализирани од ковид што примиле вакцина за грип.
Зошто ни се важни овие податоци? Бидејќи токму тие бројки ни се потребни за да ги внесеме во формулата за пресметка на ефективноста за хоспитализација предизвикана од грип. При пресметката, се користи таканаречениот дизајн со негативен тест. Според овој метод, следната формула се користи за пресметка на соодносот на ризици:
Ги земаме соодветните бројки од табелата во трудот, ги вметнуваме во формулата за дизајн со негативен тест и добиваме дека ефективноста на вакцината за хоспитализација од грип изнесува:
Параметарот p е веројатност дека разликата помеѓу ризиците на вакцинираните и невакцинираните е резултат на случајност. Бидејќи p има вредност од 70% што е многу поголема од прагот од 5%, релативната разлика од 1,8% е навистина резултат на случајност, односно, вакцинираните и невакцинираните практично имале ист ризик да бидат хоспитализирани поради грип. Повторно неочекуван и разочарувачки резултат.
Досега видовме само студии од САД и тоа во последните неколку години. Можеби студија спроведена во друга земја за периодот пред ковид покажала висока ефективност против хоспитализација од грип. Да разгледаме една масивна студија од Обединетото кралство.
Студијата од Обединетото кралство за периодот 2000-2014
Истражувачите во оваа огромна студија ги евалуирале исходите на луѓе на возраст помеѓу 55 и 75 години во Англија и Велс во периодот помеѓу 2000 и 2014 години. Значи, повторно, повозрасни луѓе. При обработката на податоците биле утврдени 170 милиони епизоди на нега и 7,6 милиони смртни случаи и дека наполнувањето на 65 години било поврзано со статистички и клинички значајно зголемување на стапката на сезонска вакцинација против грип. Сепак, не нашле докази што укажуваат дека вакцинацијата ги намалува хоспитализациите кај постарите лица. Ефективноста била -5.8% (95% ИД, -25.3% до 12.9%). Според авторите на трудот, проценките биле доволно прецизни за да ги исклучат резултатите од многу претходни студии.
Ако вакцината за грип не спречува инфекција со грип, не спречува хоспитализација поради грип, тогаш зошто некој би се вакцинирал со неефективна вакцина?
Еве зошто: го намалува ризикот од смртен исход!
Апсолутно! Ако вакцината штити од смртен исход, особено повозрасните (кои се во најризичната категорија), тогаш вакцината вреди да се прими. Без дилема.
Претходно споменатата британска студија, освен ефективноста против хоспитализација, имала за цел да ја процени и ефективноста на вакцината за грип против смртен исход. Што нашле истражувачите? Погледнете ја следната табела.
Ефективноста против смрт од пневмонија и грип (инфлуенца) ја процениле на -17,3% со интервал на доверба од -40,7% до 6%. Ова е негативна ефективност, но нема статистички значајна разлика помеѓу вакцинираните и невакцинираните во поглед на смртноста од пневмонија и грип бидејќи интервалот на доверба ја покрива нулата. Значи, нема докази дека вакцината давала заштита од смртен исход.
Меѓутоа, забележете дека горната граница на интервалот на доверба е само 6%, т.е. многу поблиску до нулата отколку долната граница -40,7%. Ова значи дека постоел статистички незначаен тренд кон негативна ефективност. Кај мажите, тој тренд бил многу поизразен: -26,5% со интервал на доверба од -56,1% до 3%.
Досега разгледавме студии кои покажуваат негативна или нулта заштита од инфекција за луѓе на средна возраст (студијата од Кливленд) и нулта заштита од хоспитализација или смртен исход за постари луѓе. Но, што е со децата? Дали вакцините за грип се корисни за децата? Според првоцитираната студија на американската CDC за сезоната 2024/2025, децата имале намален ризик од инфекција и хоспитализација, но поради контрадикторните резултати со студијата од Кливленд, повторно, оваа студија е спорна.
Двојно слепо, рандомизирано клиничко испитување во Хонг Конг
Пред цели 13 години, во 2012 година, истражувачи од Универзитетот во Хонг Конг објавуваат труд во којшто известуваат за резултатите од двојно слепо, рандомизирано плацебо-контролирано испитување, во кое случајно ги распределиле децата на возраст од 6 до 15 години за да примат сезонска тривалентна инактивирана вакцина против грип за 2008-2009 година (TIV; 0,5 mL Vaxigrip; Sanofi Pasteur) или плацебо. Децата биле следени за болести преку дневници за симптоми и телефонски повици, а домашните посети биле реализирани во случаи на болести кај кој било член на домаќинството за време на кои биле собрани примероци од брис од нос и грло од сите членови на домаќинството.
Меѓу 115-те деца кои биле следени, средното времетраење на следењето било 272 дена. Идентификувале 134 епизоди на акутни респираторни инфекции, од кои 49 биле со висока температура.
Дали вакцинираните деца биле заштитени од инфекција со грип?
“Немаше статистички значајна разлика во ризикот од потврдена сезонска инфекција со грип помеѓу примателите на TIV или плацебо, иако проценката на точката беше конзистентна со заштитата кај примателите на TIV (релативен ризик [RR], 0,66; 95% интервал на доверба [ИД], 0,13–3,27).”
Поинаку формулирано, ефективноста против инфекција со грип била 34%, но без статистички значајна разлика бидејќи интервалот на доверба ја покрива нулата и се движи од -227% до 87%. Иако има тренд кон позитивна ефективност, нема статистички докази дека вакцината давала заштита од грип.
Треба да се има предвид фактот дека оваа студија претставува златен стандард во клиничките испитувања бидејќи е рандомизирана, двојно слепа и контролната група примила плацебо. Токму затоа, резултатите што произлегуваат од неа укажуваат на каузалност и имаат поголема тежина од опсервациските студии како што е дизајнот со негативен тест најчесто користен од американската CDC.
Што е со други респираторни инфекции?
Резултатите покажуваат фрапантно зголемување на ризикот од други респираторни инфекции (риновируси и коксаки/еховируси) за 4,4 пати со 95 процентен интервал на доверба во опсегот 1.31–14.8.
Зошто вакцината за грип би го зголемила ризикот од инфекции со други респираторни вируси. Едно објаснување од авторите на трудот е дека примањето на тривалентна вакцина за грип може да го зголеми имунитетот против грип на сметка на намален имунитет кон респираторни вируси кои не се грип, преку некој непознат биолошки механизам.
Но, ова не е единствената студија што укажува на тоа дека вакцината за грип го зголемува ризикот од инфекции со други респираторни вируси. Во една австралиска студија од 2014 година, децата вакцинирани против грип имале 1,6 пати (p = 0,001) поголема веројатност од невакцинираните деца да добијат респираторна инфекција што не е грип.
Во следните неколку години, американската CDC финансирала тригодишна студија објавена во списанието Vaccine, за да се анализира ризикот од болест по вакцинацијата против грип во споредба со ризикот од болест кај невакцинирани лица. Студијата, во која биле вклучени здрави испитаници, открила 65% зголемен ризик (Релативен ризик: 1.65, 95% ИД [1.14, 2.38]) од акутна респираторна болест која не е предизвикана од грип во рок од 14 дена од примањето на вакцината против грип. Најчестите пронајдени вируси биле риновирус, ентеровирус, респираторен синцицијален вирус и коронавируси.
Мешани резултати
Разгледаните студии, некои од нив реализирани од американски државни агенции и министерства, покажуваат - најблаго кажано - мешани резултати. Додека проценките на CDC за последната сезона зборуваат за ефективна вакцина (и против инфекција и против хоспитализација), истовремено истражувачкиот тим од Клиниката во Кливленд, САД, констатирал негативна ефективност против инфекција. Обработувајќи долг период од 14 години, британските истражувачи не нашле докази дека вакцинирањето против грип го намалува ризикот од хоспитализација и смртност од пневмонија и грип кај повозрасни луѓе во Англија и Велс. Згора на тоа, користејќи го златниот стандард во клиничките испитувања - двојно слепото, рандомизирано, плацебо-контролирано испитување, истражувачите од Хонг Конг откриле дека кај деца, тривалентната вакцина за грип покажала тренд за поретки инфекции, но затоа парадоксално го зголемила ризикот од инфекции со други респираторни вируси, што за жал, е потврдено и во две последователни студии.