Тим од научници од Институтот за компјутерски науки при Универзитетот Тарту, Естонија, воведуваат иновативен начин за намалување на електронскиот отпад и напредна примена на одржливо обработување на податоци, јавува ScienceDaily. Станува збор за претворање на старите смартфони во мали податочни центри – нискобуџетно решение идеално за практични апликации како мониторинг во сообраќај или подводни услови, без потреба од развој на нови технологии и уреди.
Масовното производство на повеќе од 1,2 милијарди смартфони годишно на глобално ниво, предизвикува огромно црпење на вредни природни ресурси. Заедно со доставувањето на уредите, овие процеси причинуваат силни негативни последици за животната средина – зголемено ниво на јаглерод диоксид во атмосферата.
Самите уреди пак, стареат сѐ побрзо споредено со претходните децении - замената на функционален телефон со нов е во просечен интервал од 2 до 3 години. Старите уреди во најдобар можен случај се рециклираат, во најлош – завршуваат во депонија. Најефикасното решение би била промена во однесувањето на корисниците и објективноста при одлучувањето кога е навистина потребна замена на тековниот уред со најновиот издаден модел, но бидејќи тоа не е толку едноставно, потребни се и алтернативни решенија.
Поради брзиот технолошки развој постарите уреди честопати се класифицираат како речиси бескорисни, меѓутоа нивниот потенцијал може да биде целосно искористен со зголемувањето на нивниот век на траење и пренаменување за поинакви цели. Ваков креативен пристап се тестира од страна на тим научници од Универзитетот Тарту во Естонија, заедно со соработници од други земји. Имено, проектот е дизајн на прототип за повеќекратна употреба, кој се состои од стари смартфони опремени со држачи и сместени во куќиште.
Прототип со застарени смартфони за повеќекратна употреба (слика: Кадри-Ан Кивастик/Универзитет Тарту).
Според информации од естонското научно здружение, со ова истражување се докажува дека е можно трансформирање на старите смартфони во мали податочни центри за ефикасно обработување и зачувување на податоци, а ваквиот подвиг чини само 8 евра по телефон. Застарените смартфони, со додадени сензори (GPS, акцелерометри, камери итн.), се идеални за апликации како мониторинг во сообраќај. Како пример е употребата на телефоните при надзор на автобуските постојки за утврдување на бројот на патници, со цел понатамошна оптимизација во мрежите на јавен превоз. Со смартфоните може да се врши и мониторинг на квалитетот на воздух, со помош на дополнителни сензори или со слободен софтвер за следење на нивото на загадување во одредени области.
Смартфоните имаат потенцијал да помогнат и во одржувањето на големите водени површини. Океаните се изложени на многубројни закани, вклучувајќи ги загадувањето, незаконскиот риболов и климатските промени. Со одредени модификации смартфоните можат да се оспособат за водоотпорност и да генерираат податоци за подводните средини (сигнали од живиот свет или ниво на загадување). Телефоните со GPS сензори можат да бидат интегрирани во пловци и да помогнат во мониторинг на риболовни активности. Во последната фаза од проектот направен на естонскиот универзитет направена е замена на батериите на телефоните со екстерни генератори на енергија.
Оваа замена е клучна за намалување на ризикот од хемиско излевање во животната средина.
Прототипот е потоа тестиран под вода каде што е применет за мониторинг на подводниот свет. За разлика од претходно применуваните методи со генерирање снимки за обработка од страна на нуркачи, со прототипот целата активност е автоматизирана и успешно се врши во подводни услови. Со овој пристап се покажува дека старите уреди можат да придонесат во развојот на дигитални решенија, со минимална употреба на ресурси и имајќи ја предвид одржливоста, односно сочувана животна средина.