Рубрика: Историја и археологија
Генетска мистерија од далечното минато
Објавено на 09.06.2025 - 14:30

Висорамнините на Колумбија изнедрија неочекувана мистерија. Имено, анализирајќи ги остатоците од тела на луѓе, стари околу 6000 години и пронајдени во овој регион, научниците откриле ДНК каква што досега не е видена никаде – остатоци од изгубена човечка лоза кои се генетски неповрзани со кој било жив човек.

Истражувачите сметаат дека овие луѓе би можеле да се дел од некоја “изгубена лоза” којашто некогаш се ширела низ Истмо-Колумбискиот регион, витален копнен мост помеѓу Северна и Јужна Америка. Во текот на милениумите, нивните гени можеби се разредувале преку мешање со други популации или можеби и целосно исчезнале.

Како и да е, самото нивно постоење ги става на тест сегашните модели за рана миграција на Американскиот континент, укажувајќи дека населувањето на континентот се одвивало многу посложено отколку што се мислеше претходно. Повеќе геномски истражувања можеби на крајот ќе ја декодираат и оваа приказна.Но, засега, потеклото на овие луѓе останува енигма од далечното минато.

Деталите од ова откритие се објавени во Science

Клучни зборови: