Рубрика: Електроника
Заврши 13 издание на Робомак
Објавено на 20.05.2025 - 13:45

Со одржувањето на големото финале во просториите на ФЕИТ во саботата, на 17 мај, се спуштија завесите на овогодинешниот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција – Робомак 2025.

RoboMac 2025 беше домаќин на над 60 студенти, распределени во пет натпреварувачки дисциплини. Учесниците развиваа роботски системи што препознаваат визуелни и звучни команди, дизајнираа интелигентни агенти за динамични сценарија, комбинираа машински вид со роботика за автоматизирано сортирање и се натпреваруваа во програмирање на автономни тркачки возила.

Во категоријата Robotic Arm Challenge секој тим имаше задача да изгради кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во втората категорија Detect the Intruder учесниците и нивните роботи имаа задача да детектираат кој од елементите поставени околу роботот во полукруг не е во вистинската позиција.

Во категорија VoiceBot Challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот ЏетБот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препозанвање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава. А стилови за пренесување на гласовните команди имаше повеќе.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот Self Racing Cars, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови

И конечно, Категоријата AI Football понуди вистински фудбалски натпревар помеѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Турнирот во ВИ-фудбал се играше по куп-систем

На крај, најдобрите од сите категории беа наградени со медали.

А како течеше целиот настан може да погледнете од следново видео:

Овие активности не се само вежби во кодирање и хардвер – тие се лаборатории на креативност, соработка и решавање на комплексни проблеми. Дополнително, во текот на целата измината недела, студентите имаат можност и да слушнат предавања од врвни експерти, да се надградуваат, да поставуваат прашања, и да добијат повратни информации и искуства што ќе им драгоцени за нивниот професионален развој.

Клучни зборови: