Рубрика: Автомобилска техника
Ново YUGO на пазарот до 2027 година?
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 19.05.2025 - 12:45

Дали носталгијата може да произведе комерцијален ефект? Одговорот е негативен. Како доказ го приложувам Фолксвагенот Битл или новата Буба која не направи некој позначаен комерцијален успех. Тука е и Мини Морисот кој исто така не се прослави. Интересен е Спачекот од Ситроен кој сè уште е во фаза на студија и никако (веќе 20 години) да излезе од цртачките табли на дизајнерските студија на Ситроен. Дигресија: Ситроен е изгорен од комерцијално непромислени модели на автомобили и преголеми непресметани комерцијални ризици и затоа се најде во прегратките на Пежо и сега е многу мирен, промислен и податлив за соработка... Но, овие судбини не допираат до ушите на проф. д-р Александар Бјелиќ (инженер во додипломсите студии и економист во докторските студии и професионално длабоко инволвиран во германската автомобилска индустрија) и како балканец во кого крвта врие се зафати да го обнови згаснатиот бренд YUGO.

Општ поглед од напред на Југото. Јасно се забележува духот на легендарното оригинално Југо произведувано во Крагуевац од 1980 до 2008 година. 

За почеток, како и секогаш, тука е правната битка за да ги добие сопственичките права на тој бренд. Со силен адвокатски тим, упорност и соодветни финансиски вложувања успеа – сопственик е на сите права на брендот YUGO. Потоа следува ангажирањето на индустрискиот дизајнер Дарко Марчета вработен во ТРБ (Технички Ремонт Братунац) фирма која меѓу другото се занимава и со надградби на специјални (воени) возила, за да го дизајнира екстериерот на новото Југо, но под услов да се задржи магијата на легендарното (оригинално) Југо. Успева во тоа, што се гледа и од фотографиите поместени во оваа кратка вест.

Лево: Сè започнува на цртачката табла или на еден обичен лист хартија. Десно: Изработка на глинениот модел во размер 1:5.

Најавен е прототип во возна состојба за 2027 година. Засега е изработена само макета во размер 1:5 која беше изложена на саемот за автомобилски дизајн во Минхен оваа година (Car Design Event 2025). Макетата побудила голем интерес. Моделот ќе биде опремен со бензински мотор, а се ‘шушка’ дека бензинскиот мотор ќе биде опремен со турбокомпресор. Се разгледува и варијантата за погон на електрична енергија. Должината на каросеријата е планирана на 4000 милиметри, со маса од 1100 килограми и мотор од 120 КС. Секако, ова се проценки. Проектираната цена е 18 700,00 евра. Ќе го напаѓа сегментот на  Citroen C3 и VW Polo. Засега во САД нема да се нуди.

Дозволете ми да го изложам и моето скромно мислење за ова возило, согласно информациите кои се приложени во овој текст, моето искуство во светот на автомобилите (и како инженер и како автомеханичар, но и како стручен соработник на ЕМИТЕР од областа наавтомобилската техника). Дизајнот на екстериерот е симпатичен, иако се провлекува професионалната деформација на дизајнерот кој дизајнира борбени возила – застаклените површини се ниски, а со тоа е мала и стаклената површина, што се одразува на прегледноста, па побудува асоцијации на борна кола. Генерално, дизајнот е нешто веќе видено, иако духот на старото Југо е запазен и се сомневам дека тоа би било доволно за комерцијален успех. Ризикот е преголем. Проблем е што нема иновација во дизајнот на екстериерот, независно што се работи за ретро дизајн, иако изолирано гледано, за носталгичарите дизајнот на екстериерот е сосема солиден и симпатичен.

Поглед на задниот дел. Линијата на оригиналното Југо е видлива. Нема иновација во дизајнот а од носталгични причини и не може да ја има. Ако ја има, ќе биде многу ризично. Мини Морисот е типичен пример за тоа.

Потоа, голем проблем е погонскиот агрегат. Имено, ако тој е опремен со турбокомпресор како бензински мотор, а со тоа и како автомобил нема што да бара во пазарниот сегмент кој го напаѓа! Автомобилот ќе е со мошне висока цена на чинење. Да појаснам – во конструкцијата на моторот не е сеедно дали тој е дизелски или бензински, а истовремено да е опремен со турбокомпресор. Кај бензинските мотори (Ото циклус) турбокомпресорот и воопшто техниката на преполнување на моторот е многу потешка и позахтевна за изведба, а да се задоволи статусот down size мотори, какви ги бара сегментот каде се бори за успех ова Југо (затоа што цената на чинење ќе биде превисока) мора да се обезбеди променлив степен на компресија во зависност од степенот на полнење на цилиндарот со воздух.  

И конечно, одлично е што има тркала со голем пречник затоа што тоа е хит во дизајнирањето на екстериерот во овој момент и произведува сериозен и стабилен лик на самата каросерија, гледано од естетска точка. Се шират гласини дека за ова возило се бара платформа кај некои од кинеските производители на автомобили. Тој момент нуди некоја сигурност, брзина во реализација на проектот и дава надеж за комерцијален успех. Блиски се по дух кинеската автомобилска филозофија и ова возило: и двете школи се ретро ориентирани како генерална ориентација, што е некако разбирливо (но, тоа е веќе некоја друга приказна).

Што да се каже како заклучок? За почеток е одлично, нека ги следи среќа и им посакувам успех и комерцијален ефект со ова возило, што се надевам дека нема да изостане.

Клучни зборови:
Сè започнува на цртачката табла или на еден обичен лист хартија.

Сè започнува на цртачката табла или на еден обичен лист хартија.

Општ поглед од напред на Југото.

Општ поглед од напред на Југото. Јасно се забележува духот на легендарното оригинално Југо произведувано во Крагуевац од 1980 до 2008 година.

Поглед на задниот дел.

Поглед на задниот дел. Линијата на оригиналното Југо е видлива. Нема иновација во дизајнот а од носталгични причини и не може да ја има. Ако ја има, ќе биде многу ризично. Мини Морисот е типичен пример за тоа.

Изработка на глинениот модел во размер 1:5.

Изработка на глинениот модел во размер 1:5.